Меѓународниот ден на слободата на печатот е добра прилика да се истакне важната улога на медиумите во заштитата и промовирањата на основните демократски вредности. Слободните и независни медиуми се најефикасен инструмент против авторитаризмот и тоталитарната власт, изјави претседателот на Здружението на новинари на Македонија Насер Селмани.
- Ретки се професиите како новинарската каде цената за добро завршена работа некогаш се плаќа и со живот. Овој ден е добра прилика да ги потсетиме граѓаните за ограничувањата на слободата на печатот. Тие треба да знаат дека новинарите се казнуваат и се напаѓаат за да бидат замолчени, а вистината да биде сокриена од јавноста. Треба одлучно да застанеме во одбрана на независните медиуми ако сакаме да се заштитиме од секој вид на пропаганда, истакна Селмани.
Светскиот ден за слобода на печатот, посочи Селмани, треба да ја потсети Владата за потребата да ги почитува нејзините заложби за слободата на печатот.
- Таа има обврска да гарантира безбедност на новинарите и да ја прекине политиката на неказнивост на нападите врз новинарите. Предложениот закон не обезбедува финансиска независност на МРТ и нема гаранција дека јавниот сервис со помалку пари може да произведе поквалитетна програма во интерес на граѓаните. Транспарентноста на владата е подобрена, но новите практики не ги применуваат сите министри. Има примери каде владини функционери ги бојкотираат критичните медиуми, истакна Селмани.
Ги повика новинарите да бидат поодговорни кон јавно искажаниот збор, дека грешките во работата се неизбежни, но битно е тие да не бидат намерни, бидејќи, како што рече, тие го поткопуваат кредибилитетот.
Настанот за одбележување на Меѓународниот ден на слободата на печатот е организиран од Здружението на новинарите на Македонија, во рамки на проектот „Мрежа на новинарите за слобода на медиумите во Македонија”, и поддржан од Министерството за комуникации, отчетност и транспарентност, Делегацијата на Европската Унија и Амбасадата на САД.
Дел од присутните медиуми реагираа на заедничкото одбележување на 3 мај и вклученоста на Владата и американската амабсада во настанот.
Новинарот Ејдин Хајдирпашиќ од ТВ 24, рече дека е лицемерно на 3 мај, ден на слободата на печатот да зборуваме за права и даваме свечени изјави, кога медиумите се во дупка во Македонија.
- Ова е наш ден. Колеги не примаат плата, немаат договори, уплашени и застрашени, а ние зборуваме за слобода на печат, рече Хајдарпашиќ.
На тоа, Селмани, кратко одговори дека му е жал што колегата не понудил ниту едно решение.
Министерот без ресор задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност, Роберт Поповски, рече дека ја разбира жестината и состојбата со платите, но нема магично стапче за решавање на проблемите.
- Немаат проблем само новинарите и медиумските работници. Граѓаните на Република Македонија живеат во многу лоши услови и затоа се заложбите дека просечната плата треба да биде до 500 евра до крајот на мандатот, рече Поповски.
Новинарот Сашо Ордановски, побара од државата да каже кога ќе излезе со таксативна информација за сите пријавени случаи на напади врз новинари.
Министерот Поповски, на тоа одговори, дека од сите Владата набрзо ќе излезе со одговор за сите констатирани случаи за напади и закани во изминатите години.
- Во изминатите години има 32 случаи на напади и закани. Она што како првична информација го имам е дека десет од тие се расветлени, а пет се веќе во обвинителство. Се согласувам дека додека не се расчистат сите случаи, не може да име атмосфера во која ќе чувствуваме доверба. Она што радува е дека нема нови случаи, изјави Поповски.