Пораки со заложби за слободни и независни медиуми, против притисоци и цензура, за почитување на правата на сите медиумски работници, барања за одговорност при известувањето, беа упатени по повод Меѓународниот ден за слобода на печатот - 3 Мај.
Денот на кој се потсетува на значењето и моќта на слободата на медиумите во практикувањето на демократијата во Македонија го одбележуваа и долготрајна постапка за носење нов закон за медиуми, неединство на фелата, бројни неразјаснети случаи со напади на новинари.
Заедничкото одбележување на Меѓународниот ден на слободата на печатот организираше Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), во рамки на проектот „Мрежа на новинарите за слобода на медиумите во Македонија”, поддржан од Министерството за комуникации, отчетност и транспарентност, Делегацијата на ЕУ и Амбасадата на САД.
- Владата има обврска да гарантира безбедност на новинарите и да ја прекине политиката на неказнивост на нападите врз нив, рече претседателот на ЗНМ Насер Селмани.
Новинарот Ејдин Хајдирпашиќ од ТВ 24, пак, порача дека е лицемерно на Денот на слободата на печатот да се зборува за права и да се даваат свечени изјави, кога, акко што рече,медиумите се во дупка во Македонија.
- Ова е наш ден. Колеги не примаат плата, немаат договори, уплашени и застрашени, а ние зборуваме за слобода на печат, рече Хајдарпашиќ, на чие излагање Селмани само кратко одговори дека му е жал што не понудил конкретно решение.
Министерот без ресор задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност Роберт Поповски вети дека Владата набрзо ќе излезе со одговор за сите констатирани случаи за напади и закани во изминатите години.
- Во изминатите години има 32 случаи на напади и закани. Она што како првична информација го имам е дека десет од тие се расветлени, а пет се веќе во обвинителство. Се согласувам дека додека не се расчистат сите случаи, не може да име атмосфера во која ќе чувствуваме доверба. Она што радува е дека нема нови случаи, рече Поповски.
Во честитката упатена до медиумите премиерот Зоран Заев наведе дека Македонија е демократска земја, во која владее правото и во која целосно се почитуваат слободата на говор и на слободно изразување. - Медиумите во земјава треба да работат ослободени од какви било притисоци, да ги информираат граѓаните навремено, точно и без цензура, нагласи Заев, кој констатираше дека цела деценија во државава новинарите беа злоупотребувани, напаѓани, цензурирани и спречувани во својата работа.
На одбележувањето на Светскиот ден за слобода на медиумите, се приклучи и Секретаријатот за европски прашања, кој организираше неформален брифинг и појадок со претставниците на медиумите на кој се дискутираше на мноштво теми од општествен интерес.
Притоа, вицепремиерот за евроинтеграции Бујар Османи, порача дека слободата на медиумите се гради преку изградбата на стабилни институции, владеењето на правото, транспарентноста на Владата и државните институции, конкурентност, почитување на правилата.