Скопје, 4 мај 2018 (МИА)
Сакаме да развиваме туризам, а елементарните работи не ни се решени. Ѓубре на сите страни, несоодветно рангирање на објектите, недоволно капацитети за попатно застанување посебно на транзитните гости, немање лиценци за туристички водичи,...
Проблемот со хигиената не е од сега. Многу е битно да го третираме на часовна, дневна и неделна основа. Не е работата само да исчистиме, туку и да не валкаме, а за тоа треба да имаме сосема поразличен однос и кон себе, како луѓе, и кон природата зашто таа ни е адут.
Факт е дека казнувањето не ги дава резултатите што ги сакаме. Затоа е важно најпрво да покажеме зошто хигиената е значајна за нас, а потоа и за сите, да направиме нешто конкретно, да го заштитиме, подобриме, но и да го одржиме за следните генерации.
Лично сметам дека туризмот во Македонија треба да се поправи во од, што е можеби најтешкиот и најскапиот начин. Грешките не смееме да ги повторуваме. Мора да создадеме одржлива стратегија за наредните пет до десет години, мамутска стратегија во чие изготвување ќе бидат вклучени сите чинители. Исто така ќе мора да разбереме еднаш засекогаш дека по стратегијата ќе треба да постапуваме.
Нацрт-стратегија е направена. Оценивме дека треба да одиме на најниско ниво, кај општините, зашто регионите не ни функционираат, па дури потоа да почнеме да градиме повисоко. Тоа е основата на националната туристичка организација што е тенденција и во што треба да прерасне Агенцијата.
Не сме зрели за Министерство за туризам. Треба да одиме чекор по чекор. Агенцијата најпрво да стане националната туристичка организација, а потоа и независна и да се храни од туристичката такса и од донации на коморите. Мора да знаеме колку членки имаат коморите, колку собираат од членарини. Не смее трипати да бараме „Маседониа тајмлес“ да го стават на нивната веб-страница како лого.
Со што може Македонија да биде атрактивна, да привлече најмногу?
Има туристи кои допрва дознаваат што е Македонија, некои немаат поим каде е. Такви има од секаде, освен од Балканот. Во Скопје и Охрид, пак, се реализираат 70 отсто од ноќевањата на странските гости. Зошто тоа да не биде и во другите градови, средини, рурални подрачја?
Ние дури сега ги откриваме можностите на алтернативните видови туризам. Тие постојат 30 - 40 години во светот, но кај нас дошле малку подоцна. Но, треба да разграничиме, што е авантуристички, што е активен туризам.
Во овој момент можеме да понудиме најразлични активности. Ако седум дена имаме аранжман во едно место, тоа не значи дека седум дена треба да одиме на плажа и да лежиме на лежалка. Треба да ги искористиме и останатите туристички форми. Тука кикснуваме, имаме проблем. Проблемот ни е дополнителниот туристички производ.
Бројот на туристите се зголемува секоја година, но нивниот просечен престој се повеќе се намалува. Тоа е првиот показател дека како дестинација не можеме да ги задржиме гостите подолго. Секојдневно треба да создаваме дополнителни содржини. Многу поспоро растеме во диреткниот туристички приход.
Девизниот прилив е втората битна работа. Затоа, последниве два месеца комплетно го менуваме пристапот на Агенцијата. Повеќе се приближуваме кон реалниот туристички сектор преку комуникација со коморите, асоцијациите, невладиниот сектор, општините,... Веќе имаме направено околу десетина работни состаноци со градоначалниците. Одиме на лице место и ги прашуваме што можеме да помогнеме.
Што велат тие? Кои се проблемите?
Проблемите се од различна природа. Се уште луѓето, невладиниот сектор, а дел и од туристичките агенции и тур-операторите не ја знаат нашата функција, за што сме формирани и што се можеме да направиме. Затоа овие два месеца се потрудивме да организираме повеќе од десет инфо-тури на тур-оператори, туристички агенции,... од Италија, Полска, од регионот...
На Матка 50 години клиновите не се сменети. Тој податок речиси никој не го знае. Оваа година ќе ги смениме и ќе ги промовираме со дополнителни мапи, водичи,...
Во Крушево ќе помогнеме околу претстојните државни првенства за параглајдеризам. Се сретнавме со туристичките работници таму, им кажавме дека ќе им погонеме се што можеме зашто ќе имаат седум до осум државни првенства за параглајдеризам. Во втора фаза е проектот што го работиме со ИМЕ Програмата, во рамки на кој ќе поставиме вештачка трева во Крушево, на површината што ќе се користи како полетувалиште оваа и за светскиот куп следната година. Тоа ќе го реализираме за 1,5 месец. Општината ќе треба да го израмни теренот, а ние ќе ги поставиме тревата и дополнителната сигнализација. Крушево ќе има и временска прогноза на сајтот, изработивме брошури, а ќе правиме и мапи.
Дали субвенциите дадоа ефект и дали таквиот тип поддршка треба да продолжи?
Субвенциите во оваа форма каква што се сега, дадоа ефект, но моделот, сепак, мора да го смениме зашто е веќе изживеан. Насоката треба да биде македонскиот туристички сектор.
Македонија последните десет години, откако е формирана Агенцијата, бележи над 150 отсто скок на странски туристи. Тоа е директно поради субвенциите. Но, по пет до шест години треба да воспоставиме систем на доволна независност за да имаме минимални или никакви субвенции.
Идејата е да даваме помалку субвенции, но поефикасни, кои ќе бидат за размрдување на македонскиот туристички сектор. Тоа е основата што мора да ја направиме.
Треба да го смениме од корен системот на субвенционирање со Правилникот и тоа го работиме годинава. За тоа се веќе информирани коморите, здруженијата и Министерството за економија со кои детално работиме и на усогласување на Програмата за 2018 година, како и на Законот за туристичка дејност кој треба да се подобри.
Правилникот вели дека се потребни три ноќевања со појадок да има странецот за да се додели субвенција. Но, се случува некогаш тур-операторот да не може да оствари право зашто хотелот не платил туристичка такса, а во фактурата пишува дека таксата е во аранжманот.
Има ли проблеми со плаќањето туристичка такса?
Лани во Крушево имало околу 40.000 ноќевања од кои би требало да се генерираат 1,6 милиони денари туристичка такса, а државата инкасирала само 180.000 денари. Зошто? Затоа што никој не платил туристичка такса. Општината не успеала да ги собере средствата. Значи, има некои работи кои мора да ги смениме. Дел од законската регулатива е добар, но дел не функционира во пракса. Локалниот инспектор може да интервенира, но не и да казнува.
Прва и основна работа е дисциплината на луѓето кои издаваат. Во Крушево има 1.000 - 1.200 легла, а во Охрид 4.000 за кои никогаш не е платена туристичка такса, а таа појава во Македонија е многу голема, тогаш како општините, државата и секторот туризам ќе можат да соберат такса ако издавачите не се придржуваат кон законот?
Агенцијата веќе неколку години по ред бара да се формира туристичка инспекција која Македонија се уште ја нема. Имаат ингеренции локалната власт и пазарната инспекција, а туристичка инспекција не постои. Ако немаме туристичка инспекција, како мислиме да го спроведуваме законот, на доборовлна база?
Дали ова значи дека никој нема да биде казнет иако не го почитувал Законот и не плаќал такса?
Не. Може да биде казнет ако се констатира дека ги прикривал гостите. Капацитетите до 20 легла се под ингеренции на Општината, а оние со над 20 легла се под Пазарна инспекција.
Нашето барање и на Министерството за економија е да се формира туристичка инспекција и таа да преземе се, но да дејствува во соработка со општините. И, секако, да нема казнување, туку едукација.
Вкупно 80 отсто од парите од туристичката такса се за општината, а 20 проценти за државата.
Ако секогаш очекуваме државата да ни даде, треба нешто и да вратиме. Ова е само една детектирана работа, но има уште многу на кои мора да работиме.
Едукацијата на туристричките работници е исто така една од основните. Ако во угостителството немаме нормирана порција или истражување за тоа колку се задоволни туристите или имаме на пет години, наместо почесто, на една, две, тогаш како ќе видиме какви сме во очите на туристите однадвор? Сепак, само така можеме да знаеме каде и што треба да подобриме.
Да, ние велиме дека имаме убава храна, дека сме гостопримливи, дека сме неоткриена дестинации,..., но тоа мора и со бројки, факти да го поткрепиме.
Ја спомнавте Програмата за 2018 година...
Да. Ќе правиме измени на Програмата. Соочени сме со фактот дека треба да се работи помодерно, на посовремен начин. Промоцијата треба да биде 60 отсто он-лајн, а 40 проценти во класичните медиуми. Тоа повеќе ќе инволвира и заинтригира љубители на алтернативен туризам кои се помлада категорија луѓе, за разлика од традиционалните кои се над 55 години, но кои, исто така треба да ги „чуваме“.
Оваа година, покрај едицијата на водичи, заклучно со последниот за отоманските споменици (на македонски, албански, турски и англиски јазик), изготвивме уште неколку: за манастирите во Македонија (вкупно 31 кои нудат можност за преспивање) изработен на македонски, српски, бугарски, руски и англиски јазик, водич за регионите и водич за што и каде може да се јаде во Македонија, на македонски, англиски, турски, бугарски и српски.
Со оглед дека низ земјава транзитно во текот на годината минуваат четири до шест милиони туристи, ќе се потрудиме плеку апликацијата „Македонски туристички пасош“ да им понудиме многу повеќе информации. Во текот на патувањето да дознаат каде се, што треба да знаат за тој дел, што може да прават,...
Во периодот јуни - јули почнуваме и со „Вкусовите на Македонија“ - малку поинаков гастрономски водич кој преку раскажување лични приказни, ќе ги долови македонските специјалитети.
Ќе кажуваме приказни за луѓе кои долго време работат во угостителството и тие, на тој начин, практично, ќе претставуваат по еден специјалитет. Во водичот ќе ги кажуваме вкусовите на Македонија, со рецепти, со вината и храната. Сакаме да се приближиме до целната група луѓе кои имаат перцепција дека сме земја на храната и виното. Идејата е да бидеме подготвени за 2019 година.
Веќе е иницирана и средба меѓу националните организации на Макдонија, Србија и Црна Гора во Скопје за создавање нов производ „Патот на вранецот“. Сите три земји го имаат и ќе се претставиме како една дестинација за вински тури. Договорот потоа ќе го спуштиме на ниво на комори и тур-оператори кои ќе создадат програми за 2019 година. Всушност, ќе почнеме да се претставуваме како регион во Западна Европа и на далечните пазари, како еден туристички производ, зашто тоа е иднината - Балканот да биде една туристичка дестинација за кинескиот, јапонскиот, азискиот, индискиот пазар.
Што е со класификацијата на угостителските објекти? Колку таа реално одговара на она што го нудат и дали со немање хотел од посериозен калибар можеме да развиваме туризам?
Имаме потреба од нови хотелски капацитети и големи брендови, но тие нема да донесат бенефит ако не сме подготвени на таквите гости да им ги земеме парите со дополнителни содржини - посети на рурални места, музеи, посети и издавања велосипеди, тури на Галичица, параглајдеризам,...
Многу е важно туристите да трошат вонпансионски, во рестораните, музеите,.... Тука се најдобри полски туристи. Но, и холанските туристи сакаат нешто. Треба да им го понудиме токму тоа. Тие не се сиромашни, туку ние имаме сиромашна понуда за тој пазар.
Познавачите велат дека во Македонија нема лиценци за туристички водичи, туку легитимации...
Лиценци даваат двата факултета, во Охрид и Штип. Лично сметам дека селекцијата на туристичките водичи треба да биде многу поселективна, да одиме во квалитет, не во квантитет. Построга да биде селекцијата, но и продолжувањето на лиценците. Водичите треба да го обновуваат на определен период.
Агенцијата треба тесно да соработува со водичите, да иницира обуки на тоа поле. Треба да се иницираат и законски измени зашто што знае јазик не може да биде туристички водич. Мора да има сериозна селекција.
Да позборуваме малку со бројки... Кои се вашите очекувања за годинава и на кои активности ќе се фокусирате?
Годинава се очекува зголемување на бројот на туристите за 10 - 15 отсто. Таргет ќе ни биде Европа. Ќе одиме на саемите во Римини, Измир, Турција и Лондон. Ако паднат визите за Кина, преговараме со Црна Гора и Србија да отидеме и да изнајдеме заеднички пулт и да се претставиме како регион - Балкан. Во преговори сме и за саемот во Јапонија, Џајка да ни ги покрие трошоците и повторно, да бидеме присутни како регион.
Во 2018-та очекуваме Полјаците да бидат 50 отсто побројни и да генерираат до 70-80 отсто зголемен број ноќевања. Лани 147 отсто беше зголемен бројот на ноќевањата. Од Русија не можеме да очекуваме повеќе, поради политичката ситуација, но од Полска, Чешка, можеме. Романија е, исто така, интересен пазар и размислуваме да го развиваме.
Вашиот претходник заврши неславно. Како да ја потврди тезата на јавноста дека „Агенцијата троши пари, вработените само се шетаат, а резултат нема“...
Точно. Често слушаме критика дека Агенцијата оди на саеми и се шета. Поради таквата перцпеција последните четири години се намалува и нашиот буџет. Но, ние вложуваме, не трошиме и резултати има. Убеден сум дека и перцепцијата ќе се смени, од ние трошиме во ние инвестираме.
Причини за тоа што било во минатото не барам, тоа се завршени работи. Се фокусираме на сегашноста. Исто така, не е секогаш Агенцијата дежурен кривец за се она што се случува во туризмот.
Отприлика одиме на 15 саеми во годината и овозможуваме туристичкиот сектор да се претстави за само 100 или 500 евра. Во Македонија има четири комори и една асоцијација, сите имаат по три саеми значајни за нив, тоа се 15 саеми. Тоа што ние им го нудиме на нашите туристички работници околу промовирањето за 100 или 500 евра, Србија го нуди за 1.000, Хрватска за 5.000, а Словенија за 9.000 евра.
Се случува нашиот штанд да чини на некој од светските саеми 15.000 - 20.000 евра за два до три дена. Тоа го плаќа Агенцијата, а тур-операторот со А-лиценца закупува дел за 100 евра. Ние овозможуваме најдобро претставување на тур-операторите од Македонија.
Гoдинава имавме рекорден број тур-оператори кои закупија простор на нашиот штанд во Бугарија, Белград, Берлин, Загреб и сега во Албанија. Првпат имавме седум, до сега беа само по два.
Лани во земјава имаше околу четири инфо-тури, а годинава до јуни ќе бидат двојно повеќе. Тоа е најевтиниот начин за привлекување гости, но паралелно работиме и на други. Се ребрендира и страницата на Агенцијата. Најавена е посета на новинари од Си-Ен-Ен, Би-би-си и Нешнал џиографик кои ќе прават репортажи за Македонија. Се тоа се контакти од саемите.
Паралелно се подготвуваме и за есенските саеми, во Лондон, Полска, Римини. Според системот и интересот на тур-операторите, закупуваме толкави штандови.
Планираме нова, тридневна инфо-тура со новинари од Словенија, Хрватска, Косово, БиХ,... Ќе им ги покажеме можностите на Македонија. Матка, Шарена џамија, Маврово, Јанче, Река, Струга, Свети Наум, Битола, Тиквеш, Мелешевија, Берово, Делчево, Струмица, Кокино, Куманово,... ќе бидат само дел од турата. Ќе се потрудиме Скопје и Охрид да бидат само локомотива, да генерираат уште повеќе туризам.
Размислуваме и за регионална соработка Скопје - Софија - Белград. Сакаме максимално да го искористиме скратениот буџет за 40 отсто.
За крај на разговоров, би се навратила на фелата. Каква е соработката, ги земате ли предвид сугестиите и предлозите на искусните во секторот, оние што преку 30 години работат туризам?
До сега Агенцијата ги дознаваше плановите, потребите и грешките од туристичкиот сектор само преку прес-конференции. Сега сакаме и инсистираме соработката со коморите да биде многу подинамична, многу почесто да имаме средби, отворено и за се да се консултуираме со нив.
Ако велиме дека сме успеале уште лани да и укажеме на Владата дека ни се потребни кинески туристи, да се напраат максимални напори за укинување на визите, илузорно е истото барање да дојде од комората по само 15 дена.
Искуствата ни се многу битни и ги собираме од секаде, но исклучително е важна и комуникацијата, особено меѓу коморите, нивното интегрирање со Агенцијата и со Министерството за економија за што повеќе да излегуваме со заеднички ставови.
Мирјана Чакарова