Проектот „ЛИДЕР – Образование, лидерство, развој“, од денеска и во следните две недели по 11-ти пат ќе се спроведува во Македонија. Организатор е организацијата „Македонија 2025“, чија извршна директорка Билјана Марковиќ Стаменова, посочи нивниот фокус годинава е ставен на тоа, идеите кои ќе бидат резултат од овој проект, понатаму да можат да се извезуваат надвор од Македонија.

Таа наведе дека проектот ќе треае две недели и ќе се обработува скратена МБА програма.

- Пред 11 години стапивме во контакт со „Ајви“ школата за бизнис од Канада. Од тогаш секоја година ни испраќаат инструктори кои пред македонските претприемачи или сопственици на мали и средни претпријатија разработуваат бизнис случаи од конкретни компании. Секој од тие случаи има некој конкретен проблем за кој македонските претприемачи размислуваат и го решаваат заедно со инструкторите. На тој начин учат и развиваат можности како во своите компании да решаваат слични проблеми, доколку и тие се соочат со нив, објасни Марковиќ Стаменова.

Извршната директорка на „Македонија 2025“ информираше дека учесниците, за да бидат дел од проектот, нудат конкретни идеи кои можат да бидат понудени на пазарот.

Извршниот директор и инструктор на проектот „Лидер“ – Канада, Џејмс Елмхирст наведе дека досегашните инструктори на проектот кои предавале во Скопје, му пренеле само позитивни искуства.

- Секоја година го ревидираме нашиот список со локални партнери, со цел навистина да правиме импакт врз локалните претприемачи и да бидеме сигурни дека имаме заедничка визија со локалните партнери, информираше Елмхирст.

Волфганг Марингер, претседавач на проектот „Лидер“, посочи дека секоја година „Македонија 2025“ им дава можност на 30 до 40 идни лидери да добијат професионална и восока стручна поддршка преку обработка на студија на случај, што ги освестува за бизнис реалноста со сите потенцијални пречки и начини за нивно надминување и ги оспособува да дискутираат за прашања што инаку би ги сметале за помалку важни, без ваков вид на обука.

- Сепак, за мене најважна придобивка од програмата е охрабрување на луѓето да ја преземат судбината во свои раце, што пак е предуслов за градење на одржлива економија во Македонија, потенцираше Марингер.