Двете Влади треба да преговараат за конечно да заврши овој тежок период за нас, но не смее да се преговара за идентитетските прашања, не треба да се прифати ерга омнес, ниту менување на Уставот, изјави во емисијата „Само вистина“ претседателот на МАНУ, Таки Фити.
Тој ги изнесе ставовите на Академијата за актуелните случувања поврзани со процесот за името, политичката криза, Законот за употреба на јазиците, економските политики на Владата и перспективите на развој на највисоката научна установа во Република Македонија.
Фити додаде дека ако дојде до промена на уставното име и ако Грција настојува да се промени името на јазикот, националноста итн, тогаш МАНУ веќе нема да се вика како што се вика, ниту НБРМ или другите институции кои во своето име го содржат терминот македонски, македонска, Македонија.
– Апсурдни се барањата на Грција за едно име со географска одредница па споено во едно име на англиски, а читање како што пишува, тоа е небулоза – смета првиот човек на МАНУ.