„Малата војна“ во Диво Насеље на 9 мај 2015 година, Денот на Европа и победата над фашизмот, резултираше со осум загинати припадници на специјалните единици на македонската полиција, а биле повредени дури 37 други полицајци во уличните борби низ тесниот и густо населен урбан дел на приградската населба во Куманово.
Вооружената престрелка во Куманово - полициска акција за разбивање на вооружена терористичка група, траеше два дена во дотогаш речиси непознатото место во Кумановската населба „Диво насеље“, дел од градската месна заедница „Тоде Мендол“, во близина на автопатот Е75.
Акцијата започна рано утрината во 04:30 часот во саботата на 9 мај и траеше речиси непрекинато 28 часа, сѐ до 10:00 часот во неделата на 10 мај. Акцијата заврши со победа на македонските специјални сили и целосно неутрализирање и елиминирање на терористичката група, која дел ѝ се предале на македонските власти во текот на вечерта во саботата на 9 мај.
Тогашниот портпарол на Министерството за внатрешни работи Иво Котески, истакна дека членови на групата биле: Мухамед Красниќи т.н. Малишева, Мирсад Ндрецај т.н. командант Нато, Сами Укшини т.н. командант Соколи, Бег Ризај алијас командант Бегу и Дем Шеху, алијас Јунику, сите косовски државјани.
Според искажаното од надлежните во македонското Министерство за внатрешни работи може да се заклучи дека станувало збор за една од најопасните терористички групи, а самиот портпарол на македонското МВР истакна дека групата била закана за целиот регион и била вклучена во бројни напади, а нејзините членови биле барани со меѓународни потерници.
По утврдувањето на индетитетот на уапсените препознаени се Мухамед Красниќи, Сами Укшини и Деме Шеху. Меѓу убиените се Мирсад Ндрецај и Бег Ризај.
Од страна на македонските безбедносни сили загинаа осум припадници на специјалните единици на македонската полиција, а беа повредени дури 37 други полицајци во уличните борби низ тесниот и густо населен урбан дел на приградската населба во Куманово.
Убиени биле следниве припадници на специјалните единици на македонската полиција:
Жарко Кузмановски (р. 1981), од с. Брвеница, Тетовско
Ненад Серафимовски (р. 1987), од с. Зубовце, Гостиварско
Сашо Самојловски (р. 1982), од с. Брвеница, Тетовско
Бобан Ивановиќ (р. 1968), од с. Стајковци, Скопско
Горан Илијевски (р. 1974), од Гостивар
Исамедин Османи (р. 1983), од с. Студеничани, Скопје
Љубиша Аранѓеловиќ (р. 1966), од Скопје
Горан Стојменовиќ (р. 1970), од Миладиновци, Скопје
На страната на терористите, на лице место беа пронајдени 14 мртви тела во униформи, за кои долго време во јавноста не се откриваше идентитетот. Подоцна тој број се намали на 10 загинати. Дали првичната информација за 14 загинати била само шпекулација или пак подоцна се случувало нешто за кое што македонската јавност никогаш не ги дозна деталите па телата на мртвите терористи од 14 се намалија на 10 и денес останува нерешена мистерија.
Настаните во Куманово се случија во период на сериозна политичка криза во Македонија и во период кога, од 5 мај, започнаа антивладини протести.
На 2 ноември минатата година, две години и пет месеци по настаните 9 и 10 мај 2015 година во кумановската населба, и година и осум месеци по почетокот на судењето на 8 февруари 2016 година, Основен суд Скопје 1 ги изрече првостепените пресуди против обвинетите.
Осуммина обвинети за тероризам и терористичка организација за настаните во кумановско Диво Насеље од 9 и 10 мај 2015 година добија доживотни казни затвор, 13 обвинети добија по 40 години затвор, шестмина по 20 години, еден обвинет 18 години, двајца по 14 години, двајца по 13 години затвор и двајца по 12 години затвор.
За расчистување на случајот формирана е собраниска Анкетна комисија, која освен конститутивната седница, не напреднала многу.
Поради пресудата се протестираше во Македонија, Косово, а имаше и мал протест во Албанија.
Косовската влада на 29 семејства на загинатите и осудените за настаните во Диво Насеље им исплати по 10.000 евра.