По повеќе од десет години, во Македонија се гледа нова политичка слика, каде медиумите имаат нов амбиент и можност професионално да работат, соработувајќи со државните институции, истакнала директорката на Европската федерација на новинари (ЕФН), Рената Шредер на денешната средба со министерот без ресор, задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност Роберт Поповски.
Како што соопшти владината прес-служба, на средбата Шредер на Поповски му изразила честитки за заложбата на Владата за декларираните принципи за транспарентно и отчетно работење, како и за отворената и транспарентна комуникација со јавноста и медиумите, оценувајќи дека
Министерот Поповски, пак, се наведува, заблагодарувајќи се на позитивните оценки, посочи дека концептот за отворена влада, која ги поддржува принципите на транспарентност и отчетност е со цел да им покаже на граѓаните како се трошат нивните пари и додаде дека Владата на Република Македонија поставува стандарди и за сите следни влади, со заложба да не се повторат грешките од минатото.
- Затоа на врвот на политичката агенда на Владата е концептот на отворена влада, што подразбира демократизација на медиумски амбиент, односно поддршка на слободно и професионално новинарство, бидејќи тоа е одлика на едно демократско општество какво создаваме, рече Поповски стои во соопштението.
Тој ја информирал Шредер дека Владата има создадено реален сектор за комуникација и преку редовните прес-конференции граѓаните редовно се информираат за сите одлуки кои се носат на редовните седници.
- Директорката на најголемата организација на новинарите во Европа, која претставува повеќе од 320.000 новинари во 71 новинарски организации низ 43 земји, се согласи и даде поддршка на министерот Поповски, кој оцени дека актуелната Влада се заложува за „нула толеранција за каков било обид за напад, притисок или закана врз новинарите и медиумите, за загрозување на слободата на говорот и изразувањето, се посочува во соопштението.
Тој, додал дека покрај она што го прави Владата во врска со обезбедувањето на демократските услови за почитување на слободите, потребно е, нагласил, и другите институции во државата, обвинителството и судовите, да постапуваат максимално професионално во било кој напад или закана против медиумски работник.
Со претставничката на најголемата новинарска асоцијација, министерот Поповски разговарал и за процесот за реформите и за работата на телата кои ги финишираат измените на законската регулатива во оваа сфера. Тој нагласил дека особено внимание во овој дел се посветува на законските измени кои се однесуваат на Македонската радиотелевизија и на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни услуги, регулирана преку Законот за аудио и аудиовизуелни услуги, кој е во собраниска процедура.
- Министерот Поповски повтори дека за донесување на оваа законска регулатива јавно е поканета и опозицијата да се вклучи за да може да се обезбедат услови за професионален јавен сервис, како и департизација и професионализација на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, со цел почитување на професионалните стандарди од страна на сите медиуми, се наведува во соопштението.
Директорката Шредер, пак, позитивно ја оценила и изразената целосна поддршка на Владата за истражувачкото новинарство, како и понудената можност да се отвори дебата, доколку припадниците на медиумската фела и здруженијата сметаат дека треба да се воспостави регулација за онлајн медиумите и порталите.
- Што помалку регулација е подобро – што повеќе саморегулација е уште подобро. Од тој аспект владата дава целосна поддршка, но не ни помислува да се меша во регулирање на оваа професија, додал министерот Поповски.
Министерот Поповски и Шредер, ќе учествуваат на Петтата годишна конференција за медиуми во Југоисточна Европа, која на 10 и 11 мај ќе се одржи во Струга, во организација на претставникот на ОБСЕ за слобода на медиумите во соработка со теренските операции на ОБСЕ во Југоисточна Европа.