Зачестени средби за името, малку информации стигнуваат до оние кои не се дел од истите, како на пример опозициската ВМРО-ДПМНЕ, анкети на оваа тема... Би рекле има оптимизам за решение. Но, да се потсетиме дека и во 2010 и 2011 година владееше сличен оптимизам кога премиерите Никола Груевски и Јоргос Папандреу се сретнаа 8 пати на оваа тема, но на крајот сепак не се дојде до решение.
Последната анкета спроведена од Македонскиот центар за меѓународна соработка вели дека само 14,4 отсто, би прифатиле „двојна формула“, а 14,1 отсто, име за севкупна употреба или ерга омнес. Што значи тешко би поминала било каква промена, или како што вели и директорот на МЦМС, Александар Кржаловски „јас не сум голем оптимист дека ќе се дојде до решение и во овој обид“.
-Зачестената динамика на средби на министрите за надворешни работи на Македонија и Грција, Димитров и Коѕијас, укажува на зголемени напори за постигнување решение, но како што и самите изјавуваат во тек се или претстојат преговорите за најтешките прашања, а тоа покрај одредницата која евентуално би се додала на уставното име, е прашањето на опсегот на употребата на името (дали само за Грција – како што би сакале ние (познатата двојна формула); дали само во меѓународните организации – како што е сега со привремената референца; дали за севкупна меѓународна употреба – односно и во сите билатерални меѓународни односи на Македонија; или пак ерга омнес – за севкупна употреба, вклучително и внатре во Македонија, како што би сакала Грција), изјави Кржаловски за Makpress.mk
Според него доколку преговарачите го земат предвид јавното мислење, надвор од најчестиот одговор на испитаниците (47,1% не се за никаква промена), сите можни решенија се релативно изедначени, но кај етничките Македонци просторот за решение е само меѓу двојната формула (само Грција да употребува друго име) и име за меѓународна употреба (како што е сега со привремената референца).
-Но, знаејќи дека Грција и сега ја има таа состојба, нема причина да прифати ништо помалку од тоа (а секако бара дополнителни отстапки, односно ерга омнес решение), па затоа јас не сум голем оптимист дека ќе се дојде до решение и во овој обид. Да се потсетиме дека и во 2010/2011 година владееше сличен оптимизам кога премиерите Груевски и Папандреу се сретнаа 8 пати на оваа тема, но на крајот сепак не се дојде до решение, заклучува Кржаловски.
Мелпомени Корнети , поранешна амбасадорка вели дека „поради тоа што се дозволи името на државата, а со тоа и идентитетот да бидат втурнати во преговарачки процес со јужниот сосед, со дополнителен притисок и од источниот, а со цел да станеме дел од евроатлантските интеграции, сме соочени со опасност од историски размери“.
-Убедена сум дека излегувањето на улица денеска е единствен начин да се охрабрат граѓаните кои сакаат да го зачуваат достоинството со заштита на името на државата, и масовно да кажат НЕ за леснотијата со која владата-преговарач, влегува во „зделка“ за нешто што не смее да биде предмет на концесии! Оттаму, сум поддржувач и учесник на акциите на координативната мрежа на граѓански здруженија за унитарна Македонија, СУМ, која до сега организира два големи протестни собири и низа други активности,помали по обем.
Истовремено, го поддржувам формирањето на новата политичка партија, која освен идеите за современа, демократска и просперитетна држава, јасно прокламира одбрана на националните интереси, партијата „Глас за Македонија“, со лидерот Солза Грчева, вели Корнети.
Очигледно, ме преокупира, додава таа, тоа што и мнозинството граѓани – кои вознемирено ги следат потезите што со неверојатна брзина се одвиваат, особено во надворешната политика на Македонија.
-Се прашувам, како и многумина – како денес, кога конечно имаме своја држава, стигнавме до точка во која на коцка се ставени Името, националните вредности, во кои се вградени идеали и животи на генерации Македонци? Дали е во прашање недоволно национална свест, или исцрпеност и апатија од долгогодшната транзиција, со сите социјални проблеми и неправди кои излегоа на површина!? Одговорноста е безсомнение на политичките лидерства, кои изгледа не им одолеаа на искушенијата власта да ја користат за себе, па станаале цел на уцени однадвор, со што си го одземаа основното право и должност – да водат суверена политика и над се’, да ги заштитат државните интереси. Сепак, охрабрува сознанието, дека има многу граѓани кои зрело и смело резонираат и се подготвени да застанат во одбрана на овие највисоки вредности на државата и на нацијата. Еден таков пресек најавното мислење за зачувување на името, даваат отворените, анонимни дебати со граѓани на нашите радија и телевизии, ставови изразени на социјалните мрежи итн., а последниве денови охрабруваат и анкетите за испитување на јавното мислење, со висок степен на противење да се смени нашето име... дотолку повеќе, што поминуваме низ период на страотен притисок и про-владина пропаганда врз јавноста, во која како никогаш до сега, жртва (или џелат), е медиумската (не)слобода, посочува Корнети.
Секако, додава таа, дека има и спротивставени позиции, и тоа е нормално во демократско општество.
Но енигма од ова време, ќе биде – како/кој (прв) ја почна оваа најнова поделба во општеството,зошто неуспеваме знаењето и енергијата да ги насочиме кон изнаоѓање патишта за справување со предизвиците и за градење стабилна држава, без корупција, со помали социјални разлики, и со шанси за поинаква иднина, која ќе ги задржи овде младите и нашите идни поколенија!, категорична е Корнети.