Премиерите и министрите на 28-те земји членки од Европската унија, како и нивните колеги од земјите кандидати за членство од регионот што ќе учествуваат на претстојниот самит во Софија, ќе имат можност да се уверат во уникатноста и високиот квалитет на дел од најпознатите македонски врвни вина.
Винската листа на вечерата за добредојде што ќе се одржи во предвечерието на Самитот на 17 мај ќе ја сочинуваат четири македонски врвни вина произведени во винарската визба „Тиквеш“ и во бутик-винарницата „Домен Лепово“.
Од портфолиото на „Тиквеш“ и „Домен Лепово“ направен е избор на две бели вина: врвното тероар вино „Барово“ и ексклузивното „Шардоне“ од премиум брендот „Домен Лепово“ и две црвени вина: „Бела Вода“ и „Домен Лепово Гранд Куве“. За оваа специјална пригода, вината кои ќе бидат послужени на Самитот имаат специјални, уникатни етикети.
- Ова е голема чест за Тиквеш, но истовремено и огромна можност за промоција и јакнење на имиџот и репутацијата на Македонија како земја во која се произведуваат вина со висок квалитет, кои можат да им парираат и на најпознатите светски вински брендови, велат од „Тиквеш“.
Како специјален „зачин“ на вечерата ќе биде послужен и еден од најрепрезентативните примероци на познатата тиквешка жолта -специјалната лозова ракија „VS“ на „Тиквеш“.