Британската премиерка, Тереза Меј, беше во посета на Македонија, веднаш по средбата во Софија помеѓу премиерите Зоран Заев и неговиот грчки колега Алексис Ципрас. Ова е прва посета на толку висок државник од Велика Британија по подолго време. Претходно Тони Блер како британски премиер беше во Македонија во 2001 година кога се уште беа свежи сеќавањата на конфликитите во државите од поранешна СФРЈ.
Безмалку секој дипломат вели „секако не е случаен тајмингот за посетата на британската премиерка Тереза Меј која доаѓа практично на ден на завршувањето на Самитот во Софија“.
На иницијатива на британската премиерка, на 9 и 10 јули во Лондон ќе се одржи и Самит со премиерите од земјите на Западен Балкан. На состанокот се поканети и претставници од Австрија, Хрватска, Франција, Германија, Италија и Словенија.
Но, која е целта на посетата? Секако дека поради позицијата на Велика Британија после заминувањето од ЕУ , европските теми не беа во фокусот на разговорите освен можеби размена на мислења. Главната тема или фокусот, велат дипломатите, е НАТО. И тоа прием и начин, или како да се премости Букурешт 2008 година кога само Македонија од Јадранската група во која беа Хрватска и Албанија, остана надвор од Алијансата.
Недоамнешната посета на принцот Чарлс на Грција предизвика голем интерес, но само во грчките медиуми. Сепак Круната не дозволи да биде вмешана во билатерален спор кој зазеде многу време и простор непримерен во меѓународните односи. Не беа заборавени убави зборови за грчкото поднебје, култура, храна и природни убавини.
Дали Меј донесе нешто ново? Според некои информации во британскиот горен дом постои голема симпатија кон Република Македонија и неспорна желба нашата земја да биде полноправен член на НАТО. Историјата не учи дека Британија, како ,,мајка“ на Грција, има свои интереси и не само кон неа, туку и пошироко на Балканот. Долгогодишната тесна комуникација со Вашингтон на Лондон му даваат одредена сила да делува сега само на теренот на НАТО како простор на кој може да игра специфична улога (заедно со САД) во областа на безбедноста на Балканот.
Од друга страна ЕУ секако не очекува спорот да се реши неделава. Европјаните би сакале да дојде до некој вид компромис до почетокот на јуни од причина за непречено донесување или одобрување на препораката на Европската комисија за почеток на преговори која ни беше дадена во април. Меј сигурно на оваа тема нема да се меша. Но, секако некое чесно и практично решение кое би го понудила ќе биде од голема корист за сите. Британците се впрочем тие кои ја ,,одработија“ за нас одлуката во Единбург со која се поништи Лисабонската декларација која во јавноста е позната како декларација за негирање на Македонија. Или јуни 1992 година, Лисабон, се одржа Самит на лидери на Европската заедница. Тогаш грчкиот премиер Константинос Мицотакис на лидерите не Европската заедница им наметна најцврст став против признавањето на уставното име, за во завршната декларација од Самитот да стои – се отфрла секаква можност земјата да биде признаена под името Македонија.