Премиерот Заев за денес во 13 часот свика лидерска средба во Клубот на пратениците, за да ги информира лидерите на партиите за деталите од средбата со грчкиот премиер Алексис Ципрас и за можноста да се даде шанса за евентуално решение што би било прифатливо за двете страни.

-Би сакал да се запази редот, да има информирање за деталите. Прво да му ги соопштам на претседателот на државата, на лидерот на опозицијата, на лидерот на најголемата албанска партија, претседателот на Собранието. Тоа е редот, за да имаме шанса да изградиме национален консензус по вака важно прашање. Веднаш по состанокот ќе дадеме изјава и сето ќе го споделиме со јавноста, рече Заев.

Премиерот не сакаше да коментира каков е неговиот став како граѓанин, а не како премиер, по однос на можниот предлог што се објавува по медиумите, апелирајќи на трпение за да се даде шанса да успее преговарачкиот процес.

Присуство на лидерската средба најави и Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ; Христијан Мицкоски.

- Сега за сега немам впечатоци, за вакви сериозни теми сакам да располагам со прецизни информации. Јас сум сериозен човек и не би сакал да претпоставувам ниту да одговарам на хипотетички прашања. Гледаме оптимизам песимизам гледаме од грчка и од македонска страна прилична какафонија така да ја почекаме лидерската средба во текот на утрешниот ден за да ги имаме информациите., истакна Мицкоски во текот на вчерашниот ден.

Исто така од Кабинетот на Иванов најавија присуство и на Претседателот на Република Македонија.

- Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов, имајќи ги предвид важноста на прашањето за името и државните интереси на Република Македонија, ја прифаќа поканата за информативна средба, иницирана од Зоран Заев, претседател на Владата на Република Македонија, закажана за 19 мај 2018 година, соопшти кабинетот на Иванов.