Без воспоставен уличен систем и без куќен број се 60 до 70 проценти од 22.292 објекти во општините Кисела Вода, Свети Николе, Зелениково и Гостивар, покажува теренското прибирање на податоците што го спроведе Агенцијата за катастар на недвижности, како пилот проект за воспостaвување електронски адресен регистар на податоци во Македонија.
Со пилот-проектот беа опфатени специфични случаи, како трговски центар, индустриска зона и објекти покрај магистрални патишта и автопатишта, урбани и рурални средини каде постојат улични системи и населени места без улични системи, како и населени места каде најмалку 20 проценти од граѓаните користат друг службен јазик различен од македонскиот јазик.
Со новиот регистар сите жители во Македонија треба да бидат запишани на своја адреса, а оваа алатка се смета за особено важна за идниот попис на населението и за избирачките процеси.
Сегашниот адресен систем во Македонија, што е наследен од поранешна Југославија, во изминатиот период беше посочуван и како причина за проблеми во Избирачкиот список каде на една адреса се запишани повеќе лица. Поради немање адресен регистар во селата повеќе домаќинства се вoдат дека живеат на иста адреса, а таков проблем има и во урбаните делови со дивоградби, кои немаат број на објект и се запишуваат на една адреса која е легална.
- Воспоставувањето на овој регистар и во Европа и во земјите во регионот е од исклучително значење. Тоа, пред се, за реализирање на пописот што е најавен за 2020 година, меѓутоа и за успешна реализација на сите избирачки циклуси што се спроведуваат во државата од една едноставна причина. Во тој адресен регистар ќе немате двојни адреси, куќи со ист број, додадено два ката над одредени згради, ќе нема додадено куќи каде што завршува улицата па вештачки да ги додавате во Избирачкиот список, вели за МИА Борис Тунџев, директор на Агенцијата за катастар на недвижности.
Според него, резултатите од пилот фазата во четирите општини се поразители, а нумерирањето на куќните броеви и именувањето на улиците како надлежност на општините во минатото била запоставено.
- Од околу 22.292 приправни објекти од лице место, скоро за 60 - 70 проценти не е воспоставен уличен систем односно нема улици. Голем дел од објектите, можеби со ист таков процент, се без куќен број. Тоа е недозволива ситуација и со постојното законско решение, укажува Тунџев.
Со адресниот регистар, најавува, прво ќе се среди пребројувањето, нумерирањето и еднозначноста на објектите. Ќе нема објект или стан што ќе се води на две улици. Се планира поврзување на базата во Катастарот со недвижности со адресниот регистар и вкрстување на податоците. Од таа причина се регистрираат и нелегално изградените објекти, кои исто така ќе добијат куќен брoј.
Тунџев укажува дека тие активности се многу важни, со оглед дека само за да се достави обично известување од која било институција, мора да има адреса и куќен број. Без тоа едноставно неможе да се комуницира со институциите. Куќниот број и адресата е како лична карта и е дел од личната карта.
- Со адресниот регистар податоците за адресите ќе бидат геопросторно лоцирани конкретно поврзани во простор со објектот на којшто се однесува дадената адреса. И тоа ќе биде графички визуелно пристапна на веб страната со посебна апликација за адресен регистар којшто е веќе изготвен и којшто во рамки на пилот проектот е маскимално истестирана. Меѓутоа како функционалност уште не е достапна од причини што во фаза се контролите коишто ги спроведуваме со општините коишто беа вклучени во пилот проектот, појаснува Тунџев.
Со оглед дека Катастарот нема финансии за реализација на преостанатиот дел од проектот, се планира да се обезбедат средства од европските фондови.
- Стапивме во контакт со Канцеларијата на Европската комисија, начелно се одобрени средства од ИПА фондовите за 2019 годинав, дел ќе одобрат и во 2018, а дел ќе бидат обезбедени преку донатори во преговори сме сега во моментот со Шведскиот катастар. За да не чекаме на овие средства од фондовите имаме регистар на улици и куќни броеви во постоечкиот закон по којшто сега работиме и врз основа на тоа ќе реализираме дел од теренските активности и дел од сопствени средства, укажува Тунџев.
Се соработува и со Државниот завод за статистика за утврдување на регионите во кои со пилот проект би се спровел пробен попис со оглед на плановите за спроведување таква статистичка операција во 2020 година.
Истовремено, меѓуресорската работна група работи на финалната верзија на законот за систем на адреси, кој покрај воспоставувањето и водењето на адресниот регистар во РМ, треба да ги уреди сите услови и начинот на определување на имe на улицa, булевар, плоштад, кеј и на друг инфраструктурен објект, нумерирање на објектите, поставување и одржување на табли со имиња и куќни броеви на објектите. Во активностите се вклучени министерствата за транспорт и врски и за внатрешни работи, Централниот регистар, Управата за водење матични книги, Државниот завод за статистика, ЗЕЛС, Град Скопје и Агенцијата за катастар на недвижности.
Искуствата од пилот проектот на Катастарот треба да послужат за сите општини од кои се бара да пристапат кон исполнување на обврските за средување на состојбите со кои се обврзани и со сегашното законско решение.
Со пилот проектот беа опфатени специфични случаи (трговски центар, индустриска зона и објекти кои се наоѓаат покрај магистрални патишта и автопатишта), урбани и рурални средини каде постојат улични системи и населени места без улични системи, како и населени места каде што најмалку 20 проценти од граѓаните користат друг службен јазик различен од македонскиот јазик.
Според поставените цели, адресниот регистар ќе треба да овозможи брз и лесен начин за пребарување и идентификација на улиците, зградите и становите во просторот, да ги поедностави и скрати роковите за воведување нови улици и да осигура точност на податоците. Ќе биде корисен при изработка на урбанистички планови, издавање лични исправи, во постапки пред Суд, надзор, извршување, промет со недвижности...
Лидија Велковска