Во Министерството за внатрешни работи министерот Оливер Спасовски имаше работна средба со командантот на КФОР Салваторе Куочи, на која ја потенцирале одличната соработка, која се одвива непречено на повеќе нивоа.

Спасовски и Куочи ја потенцираа потребата од постојана и продлабочена соработка при размената на информации, особено околу граѓаните кои учествувале во конфликтите во државите од Блискиот Исток, а се враќаат на Балканот, соопшти МВР.

Командантот на КФОР изрази благодарност за досегашната соработка со МВР околу движењето на територијата на Република Македонија, како и за секаква медицинска помош која би можела да биде потребна.

Работни средби и состаноци меѓу припадници на МВР и КФОР се одржуваат на сите нивоа, на највисоко меѓу министерот за внатрешни работи и командантот на КФОР, како и меѓу претставници на Одделението за соработка со НАТО во МВР и Командантот на воената полиција на КФОР, со претставници на воената полиција, НАТО канцеларијата за врски и Офицерот за контакт на КФОР во Република Македонија.