Ако ви треба болничка грижа, може и ќе се најде место во болница, но дали ќе го има установата да ви го даде соодветниот лек или ќе си го купувате сами? Последното за оние кои имаат пари. Причината да не го добиете соодветниот лек е тоа што болницата веројатно ќе го нема поради измените во Законот за лекови и медицински средства. Со овој Закон во 2007 година се воведе паралелниот увоз на лекови кој значеше намалување на цена на чинење на лекот, но не и на квалитетот и се однесува главно на лекови кои се користат во здравствените установи. Значи идејата е, и квантитет и квалитет.

Образложението за измените на Законот што го дава, владата, односно ресорното министерството за здравство е дека до министерството како што констатираат „се поднесени приговори од одреден број на здравствени работници, како и од здруженија на граѓани претставници на пациенти со различни заболувања кои се однесуваат на незадоволството од примената на овие лекови и сомнежи во терапевтскиот ефект од примената на некои паралелно увезени лекови“.

Од министерството сепак и констатираат дека „со воведувањето на паралелниот увоз на лекови во Република Македонија, се намалија цените на лековите кои се употребуваат во здравствени установи“. Сепак водени од како што укажуваат дека „резултатите од клиничката пракса со употребата на овие лекови не се покажаа најповолни“, со измените сакаат да направат „изедначување на критериумите за увоз на лекови преку регуларен увоз, како и увоз на лекови преку паралелниот увоз, со што ќе се елиминира секаков сомнеж за квалитетот на лековите“.

КОМПЛЕТНА КОНТРОЛА НА КВАЛИТЕТОТ

Познавачите на приликите прашуваат ако се има во предвид дека лековите кои се влезени во земјата со паралелен увоз ги имаат поминато сите контроли од страна на регулативните тела, дали тоа значи дека со законските измени се дозволува државата да прави контрола на веќе содветно исконтролираните лекови кои ги поминале сите ниво на контрола во земјата каде се произведени.

Според информациите до кои дојдовме, Агенцијата за лекови ги има задолжено веледрогериите да обезбедат DataMatrix System преку кој се следи лекот. Имено овој систем овозможува преку баркодот да се следи секоја серија на лекот. Прецизно, преку ова се следи каде е произведен лекот, кој го произведува, кога е произведен и до кога е рокот на употреба.

Упатените коментираат дека ако се мисли за пациентите ќе се мисли како тие да добијат навремена и соодветна терапија. Тие објаснуваат дека ниту една реномирана фармaцевтска компaнија не би си го ставила угледот на коцка.

-Треба да се знае, дека ниту една голема компанија независно за кој пазар произведува нема да дозволи да ја дестабилизира својата конкурентска предност во однос на друга компанија произведувајќи лек со понизок или несоодветен квалитет, велат познавачите на приликите.

Оттука според нив со законските измени директно се нарушува угледот на компанијата која произведува за Турција или некоја друга европска земја, а во исто време ја нарушува и достапноста на пациентите да имаат широка палета на избор на лекови по достапна цена.

КОЈ ГУБИ (ДОБИВА)?

Новите измени на законот кој го регулира паралелниот увоз најмногу ќе се одразат на пациентите, но и на приватниот бизнис. Пациентите најбрзо ќе го почуствуваат недостиготот на лекови. Според познавачите на приликите најверојатно ќе се оневозможат иновативни и ефикасни лекови, кои се многу потребни за лекување на сите пациенти, а особено на оние со ретки болести.

Приватниот бизнис ќе се оптовари со големи издатоци кои треба да ги плаќаат при увоз на лекови, а истите не ќе можат да ги додадат на цените на лековите, кои и вака и така ќе бидат значително поголеми во однос на досегашните.

Очигледно предлагачите на овој закон не направиле никаква економска анализа, не знаат колкава е заштедата кај болниците и колку би се оптеретил буџетот со елиминирањето на ваквиот вид трговија.

-Вака предложениот закон ќе допринесе на монополско делување на пазарот, како и фаворизирање на одредени компани што би се рекло враќање на фармацевската мафија на сцена преку испумпување и на последниот денар на и онака веќе осиромашениот народ или во овој случај пациентите, ем без лекови, ем без пари, коментираат упатените.

МАКЕДОНИЈА НЕ Е ПИОНЕР

Насоките на Светска банка пак се однесуваат кон стимулирање на паралелна трговија со цел да се направат заштеди и да се искористи економијата од обем, односно производство на лекови за поголеми пазари. Истата организација ги советовува земјите од регионот да почнат да работат или да применуваат вакви правила во делот на вовоедување на паралелен увоз на лекови.

Притоа треба да се знае дека Македонија не е пионер во спроведувањето на овој закон, туку само ги користи позитивните искуства од високо развиените земји.

Колку за пример, паралелната трговија достига значителен дел од вкупната национална фармацевтска трговија во многу земји. Паралелниот увоз достигнал речиси 20 проценти од пазарот во Велика Британија, 14 проценти од пазарот во Холандија, 10 отсто пазарот во данска и Шведска, и 7 проценти од пазарот во Германија во 2002 година, а веќе во 2016 година тој достигнува 54 прпценти.

Упатените информираат дека заштедата на Македонија од ваквиот вид на трговија е околу 10 милиони евра. / С.Д.