Со Борис Тунџев, директор на Агенцијата за катастар на недвижности, разговараме за функционалноста на институцијата со која раководи десетина месеци, тековните проекти, новините кои би ги понудиле на граѓаните и државата...
Кои се причините за грешките на документите што ги добиваат граѓаните од Катастарот и што се презема во такви случаи?
- Има технички грешки кои се правени во минатото во однос на преземање податоци од стариот систем што бил воспоставен, а сега има сосема нов електронски систем и база. Во однос на тие грешки странките си поднесуваат барање за исправка. Сите грешки што се направени од самата институција во однос на име, презиме, површина, ги исправаме по службена должност без никаков надомест. Но, врз основа на поднесено барање некој мора да алармира и да укаже на тоа. На пример треба да наведе дека има грешка во презимето, да си ги достави барањаето, нема да се наплати, а грешката ќе се исправи.
Поради такви грешки има револт од граѓани дека мора да чекаат редици на шалтер, на пример во скопски катастар...
- Нема редици и чекање. Бројот на предмети откако сум назначен за директор e значително намалeн. Само за скопскиот катастар наследив 4.700 нерешени предмети, а сега има 700. Ефикасноста во решавањето на предметите е значително зголемена со низа мерки што ги направивме. Претходно за повторно поднесување барање моравте да плаќате ист износ како кога се плаќаше по првично поднесениот. Нашата прва мерка во септември минатата година беше прво во однос на злоупотреба на функционирање на одредени луѓе и злоупотреба на службена положба и малтретирањето на странките да го сведеме на минимум, па го укинавме двојното и тројното барање. Секогаш кога ќе ве одбиеја за поднесено барање вие и вториот пат моравте да го платите истиот износ, како што сте платиле и првиот пат. Сега тоа е укинато. Десетпати да ве одбијат плаќате само еднаш за услугата која ја барате од Катастарот.
Освен за технички грешки Катарстарот го прозиваат и за проблеми при впишување на имот поради, на пример, наводно настанати промени во закон па се искомплицирала постапката...
Коментарите доаѓаат од неупатеност на странките или неупатеност на луѓето кои презеле обврска да ја завршат работата, адвокати, приватни геодетски фирми. Не постои такво нешто, доколку се достави исправна градежно техничка документација која соодветствува со геодетскиот елаборат утврдена фактичка состојба на лице место, не постојат никакви пречки имотот да биде запишан.
Колку време сега се чека за решавање предмети во Катастарот?
Драстично е намален бројот на нерешени предмети, ефикасноста е зголемена и во просек од три до седум дена се решаваат, а одредени предмети што се однесуваат на промена на наслов за иста недвижност кога нема промена на недвижност и се доставени купопродажни договори за цела недвижност и за еден ден. На пример, за стан што е запишан со имотен лист, нотарот во истиот ден го пушта електронски и во истиот ден е сменет насловот. Иако се намалени деновите за чекање, граѓани и денес ургираат, да не кажам малку од лошо искуство во минатото кога морале да чекаат и по 30 дена. Јас одговорно тврдам дека денеска освен оние предмети што се во судска постапка и се предадени на други надлежни институции што ги водат постапките нема предмет што чека подолго од седум до 10 дена. Над еден месец се чека само за 33 предмети. Тоа се претежно предадени на други институции, како што се Основното јавно обвинителство, Финансиската полиција, организиран криминал во однос на индиции за сторени кривични дела и имаме дел предаден во Управен суд каде што се водат одредени судски постапкки.
Каков е ефектот од неодамнешното намалување на тарифниците на катастарот?
Имаме зголемување кај професионалните корисници приватните геодетски фирми што го користат макпос системот. Тука, исто така, ги намаливме цените 15 до 20 проценти прогресивно во зависност колку геодетски инструменти поседува компанијата, тука имаме зголемување. Бројот на предмети е константен и не зависи од нас. Значи колку предмети ќе примиме не зависи дали цените се намалени или зголемени. Првично зависи од интензитетот на работењето на општините што ги водат постапките, што ги водат постапките на издавање одобрение на градење, постапки за издавање решение за легализација, приливот на предмети не зависи од условот. Како програмска заложба на оваа инститиција и на Владата како едни од приоритетни цели беше и намалување на цените на услугите во Катастарот на недвижности, по однос на запишување на правата. Конкретно еве за индивидуална куќа, каде кажав дека не постои пречка од градежна техничка документација, цената беше 10 денари по метар квадратен, а сега е осум денари, што е намалување за 20 посто. Во принцип, поголемиот дел од услугите што ги користат граѓаните се намалени од 20 до 50 проценти, дури во одредени тарифници посебно за инфраструктурните објекти цените ги намаливме 90 проценти, со една единствена цел и сите насоки за инвестирање во инфраструктурни проекти. Тоа како институција го препознавме и поголемиот дел од нашите активности се насочени посебно на инфраструктурните објекти, за што на пример за запишување на еден километар должен ако цената беше 1.000 денари, сега е денар. Имаме драстично намалување на цените на инфраструктурните објекти.
Еден од тековните предмети на Катастарот е адресниот регистар. Што покажа пилот проектот што го спроведовте во четирите општини и до каде се активностите?
Адресниот регистар е приоритет и во планот на Владата за периодот 2017-2020 и на Агенцијата за катастар на недвижност, како дел од стратешкиот план за периодот 2018-2020. Воспоставување на овој регистар и во Европа и во земјите во регионот е од исклучително значење, а пред се, и за реализирање на пописот што е најавен за 2020 година, меѓутоа и за успешна реализација на сите избирачки циклуси што се спроведуваат во државата од една едноставна причина. Во тој адресен регистар ќе немате двојни адреси, немате куќи со ист број, немате додадено два ката на одредени згради, немате додадено куќи каде што завршува улицата па вештачки ги додавате во избирачкиот список. Адресниот регистар се воспоставува исклучително со теренски увид, теренска контрола и прибирање податоци од лице место. Завршен е пилот проектот што со теренска активност се реализираше во четири општини: Кисела Вода, Свети Николе, Зелениково и Гостивар, а резултатите се поразителни. Од околу 22.292 приправни објекти од лице место, скоро за 60 - 70 проценти не е воспоставен уличен систем односно нема улици. Голем дел од објектите, можеби со ист таков процент, се без куќен број. Тоа е недозволива ситуација и со постојното законско решение. Во моментот надлежноста за водење и нумерирање на улиците е на општните и тоа е запоставена активност.
Кои се последиците од таквата состојба?
Како пример може да се издвои ситуацијата која на работилницата што ја организиравме за презентација на проектот ја кажа претставник од скопска општина во однос на тоа дека добиле три решенија за данок за иста недвижност затоа што објектот се водел на две улици. Со овој адресен регистар првин ќе се среди пребројувањето, нумерирањето и еднозначноста на објектите. Ќе нема објект или стан што ќе се води на две улици. Се планира поврзување на базата од Катастарот на недвижности со адресниот регистар и вкрстување на податоците. Од таа причина се регистрираат и нелегално изградените објекти, кои исто така ќе добијат куќен број. Тие активности се многу важни, со оглед дека само за да се достави обично известување од која било институција, мора да има адреса и куќен број. Без тоа едноставно неможе да се комуницира со институциите. Куќниот број и адресата е како лична карта и е дел од личната карта.Со адресниот регистар податоците за адресите ќе бидат геопросторно лоцирани конкретно поврзани во простор со објектот на којшто се однесува дадената адреса. И тоа ќе биде графички визуелно пристапна на веб страната со посебна апликација за адресен регистар којшто е веќе изготвен и којшто во рамки на пилот проектот е маскимално истестирана. Меѓутоа како функционалност уште не е достапна од причини што во фаза се контролите коишто ги спроведуваме со општините коишто беа вклучени во пилот проектот.
Кои се следните чекори?
Со оглед дека Катастарот нема финансии за реализација на преостанатиот дел од проектот стапивме во контакт со Канцеларијата на Европската комисија, начелно се одобрени средства од ИПА фондовите за 2019 годинав, дел ќе се одобрат и во 2018, а дел ќе бидат обезбедени преку донатори. Во преговори сме сега со Шведскиот катастар. За да не чекаме на овие средства од фондовите, имаме регистар на улици и куќни броеви во постоечкиот закон по којшто сега работиме и врз основа на него ќе реализираме дел од теренските активности и дел од сопствени средства кои наменски ги скративме од други активности кои сега не ни се приоритет. Се соработува и со Државниот завод за статистика за утврдување на регионите во кои со пилот проект би се спровел пробен попис со оглед на плановите за спроведување таква статистичка операција во 2020 година. Исто така, меѓуресорска работна група работи на финалната верзија на законот кој ќе овозможи воспоставување на адресниот регистар. Во тек е подготовката на техничката спецификација што ќе биде објавена преку Бирото за јавни набавки, а на која ќе конкурираат приватни геодетски фирми кои согласно техничката спецификација ќе ги исполнат условите и ќе го реализираат теренското прибирање. Ние го воспоставуваме од аспект на функционалност графичкиот адресен регистар односно сега регистарот на улици и куќни броеви, а во иднина адресниот регистар, што ќе биде реализирано со приватните геодетски фирми.
До каде сте со плановите за воспоставување Национален катастар на подрачја потенцијално загрозени со природни непогоди?
Работиме на таков проект заедно со норвешката Влада за што веќе е потпишан Договор за донација во вредност од 750 илјади евра. Се работи за либер скенирање на една третина од Република Македонија која ќе овозможи креирање на исклучително прецизен модел на физичката површина. Тоа насекаде во Европа се користи во кризниот менаџмент односно во справување и спречување поплави, пожари. Тоа е исклучително точен модел на целата физичка површина вклучително и реки и шуми и се она што спаѓа во категоријата на кризниот менаџмент. Досега е одржана една работилница со Норвешкиот катастар, каде бевме и во посета и работевме на техничката спецификација за компаниите кои ќе го реализираат овој проект.
Се работеше и на техничката спецификација за опремата што во рамки на донацијата ќе биде од аспект на софтверска и хардверска инфраструктура што ќе биде инсталирана тука во Агенцијата за катастар на недвижности. Самиот обем на податоци бара исклучително моќни хардверски и софтверски решенија. Во рамки на донацијата ќе биде донирана и таа хардверска и софтверска опрема. Ние сме во фаза на формирање посебно одделение кое ќе работи на податоците од 3Д моделот односно податоците што ќе треба преку нашата веб страна, најверојатно преку Националниот портал за инфраструктура и инфраструткурни податоци (НИПП), од 3Д либер скенирањето да бидат дистрибуирани до крајните корисници. Тие податоци ќе бидат достапни во реално време, ќе бидат нанесени сите плавни подрачја. Тука мора да постои исклучителна координација со другите институции. Податоците во однос на плавни подрачја и подрачја што во изминатиот период биле изложени на поголем ризик да речеме од пожари, свлечишта, ќе може да бидат достапни и да се користат односно ќе има 3Д приказ како во реално време се случуваат. Посебно ќе биде актуелно за потребите за просторно урбанистичко планирање каде ќе биде прикажан 3Д моделот на теренот и во реално време ќе има просторна локација за секоја дефинирана точка во исто време по висина. Сега се ќе биде претставено во 3Д односно финалниот продукт ќе биде 3Д на теренот.
Кои се другите новини што може да се очекуваат од Катастарот во следниот период?
Во изминатиот период картографската дејност е запоставена максимално. Покрај тековното одржување на топографските карти и векторизирање на топографските карти на државата не се работело на промоција или продукција на картографски производи. Во моментов картографската дејност во Македонија е сведена на многу ниски гранки, монополизирана е, затоа што Агенцијата за катастар на недвижности има издадено само едно решение на приватна компанија која што се занимава со производство на картографски производи. Интенцијата е во иднина Агенцијата за катастар на недвижности да почне, со оглед дека картографијата во минатото била една од нејзините клучни сегменти и дејности, да публикува картографски производи за Република Македонија, вклучувајќи ги тука тематските карти, патните карти и секаде каде ќе може да се направи картографски производ. Катастарот располага со сите геопросторни податоци за целата држава и штета е да не се искористат. Единствената цел е оваа дејност да не биде монополизирана. Од тие причини набавен е нов софтвер, ќе има шест нови графички станици посебно за картографското одделение, се формира ново одделение кое ќе работи на податоците од либер скенирањето. Во рамки на Одделението за геодетско катастарски информациски податоци ќе се формира посебно одделение за Адресниот регистар затоа што тоа е голем проект.
Во тек е и поврзувањето преку Република Бугарија со европскиот вертикален систем во нашата државата нешто што во минатиот период не било сторено, а е од исклучително значење за воведување на Европскиот теретеристички референтен систем.
Лидија Велковска