На заболените од дијабетес им е неопходна нова генерација инсулински и орални терапии, набавка на поголем број инсулински пумпи и апарати (глукометри) кои ги исполнуваат стандардите и даваат попрецизни резултати. Oд Сојузот на здруженија на дијабетичари на Македонија истакнаа дека во врска со тоа доставиле барање до Министерството за здравство.
- Од година во година се зголемува бројот на дијабетичари. Темпото на живот, исхраната, начинот на живот влијаат да имаме потреба од воведување нови терапии кои ги следат животните навики. Новата генерација инсулини го олеснуваат животот на пациентите и се пуштени во употреба во Хрватска, Грција, а наскоро и во Србија. Тоа не значи дека четвртата генерација аналогни инсулини со болус базал терапија и оние трета генерација на хумани инсулини кои се моментално во оптек, не се добри. Но, потребата од нови терапии е неопходна, истакна претседателот на Сојузот на здруженија на дијабетичари на Македонија, Бојан Киров.
Во врска со барањето на Сојузот, министерот за здравство Венко Филипче за МИА изјави дека со новите критериуми што ќе бидат спроведени при годинашнава јавна набавка ќе биде обезбедена квалитетна инсулинска терапија и игли, глукометри (апарати за мерење шеќер во крв со сензор) наменети на децата, национална стратегија за дијабетес, електронски регистар на пациенти со дијабетес и дека нема да се дозволи дефицит на инсулин, туку ќе има тримесечната залиха однапред.
Појасни дека досега сите набавки на инсулин се гледани само низ призма на цената и тоа, како што рече, во ниту еден нормален здравствен систем во светот не е прифатливо.
- Не може цената да го детерминира типот на лекот што влегува во земјата заради тоа што постојат поевтини лекови. Насекаде има производители кои произведуваат за помалку пари. Таканаречената фармако економска анализа покажала дека еден лек има бенефит на долги патеки, што значи во лекови тоа што е сега поевтино не значи дека е поевтино и на долг рок. Постојат лекови што ние ги внесувавме во земјата, а пациентите се жалеа дека нема апсолутно никаков ефект и се евидентирани голем број компликации од болеста од која се лекуваат. Не може ништо друго да помислуваме, иако тоа не сме го докажале, освен дека постои некаков проблем со квалитетот, односно ефикасноста на тој лек, истакна Филипче.
Затоа, потенцира, во сегашниот тендер, што го правиме за 2019 година и 2020 година, тоа се двегодишни тендери за инсулин, ќе ставиме како барање во тендерската постапка не само цена, туку и некои работи со кои индустријата која ги носи тие лекови може да придонесе за нашиот здравствен систем. Нагласи дека таа индустрија што работи со луѓе со дијабетес, работи со нови типови инсулини и имаат нови лекови.
- Тие имаат волја одредена сума нови лекови да ги донираат за нашата земја и да ни дозволат да го искористиме нивниот електронски систем, да го имплементираме како регистар за нашите пациенти со дијабетес што сега во електронски формат го немаме. Сакаме да имплементираме национална стратегија за дијабетес. Тоа ќе го направиме со здруженијата, меѓутоа и со фармацевтската индустрија која тоа насекаде во светот го помага, рече Филипче.
Во напорите да се обезбедат специјални апарати со сензор за мерење шеќер во крв наменети за децата (за да не се боцкаат), истакна дека веќе три месеци се во контакт со компанија што ги произведува и е сместена во Хрватска.
- Заради тоа што е нов производ предност му даваат на хрватскиот пазар. Ние сме на некој начин на листа на чекање. Сакаме да ги покриеме сите деца на возраст од четири до 12 години. Значи повеќе да не се боцкаат, туку да имаат лепенки со сензор на рамото што ќе го прикажува резултатот од мерењето на шеќерот во крвта. Тоа ќе им олесни на родителите кои навечер ги будат децата за да ги боцнат и да видат колку е нивното ниво на шеќерот. Понатаму имаме проблем со квалитетот на иглите од Кина. Ако ние штедиме пет отсто од целокупниот буџет ништо не сме направиле, нагласи Филипче.
Потенцира дека ќе побараат од Министерството за финасии зголемување на буџетот за дијабетес од пет до десет отсто.
- Сега тој изнесува 620 милиони денари. Дури и во рамките на оваа сума ние можеме добро да се димензионираме, ќе направиме добра рамка. Сигурен сум дека и во рамки на ова ние можеме да направиме добар тендер. Задолжителна ќе биде тримесечната залиха однапред. Значи да не се доведеме веќе во ситуација да има дефицит, додаде Филипче.
Современата терапија, редовното мерење на шеќерот во крв, физичката активност, правилниот начин на исхрана и избегнување стресни ситуации се клучни за поквалитетен начин на живот без посериозни компликации и оштетувања кои ги носи болеста, сметаат дијабетичарите.
Киров изрази надеж дека конечно државата ќе даде цврсти гаранции за квалитетот на инсулинската терапија. Осврнувајќи се на инсулинските пумпи што се само техничко помагало за аплицирање на инсулинот и се замена за инсулинското пенкало, потенцира дека бараат наместо 25 да се обезбедат 50 на годишно ниво.
- Пумпата нуди подобра регулација кај заболените кои имаат нестабилен дијабетес. Како пациенти не можеме сами да одлучиме кој треба да има инсулинска пумпа. Постојат критериуми кои ги диктираат ендокринолозите. Со пумпата се добива сет што се состои од апликатор, канила која влегува во телото, црево што е поврзано со неа. Канилата треба да се менува на секои три дена. Досега се даваат десет, а побаравме да се даваат 13. Побаравме да се зголеми бројот на инсулинските игли (кои се за една употреба) кои се добиваат со инсулинските пенкала, рече Киров.
Една од најболните точки за дијабетичарите, укажа, се глукометрите (апаратите за мерење шеќер во крв), кои не исполнуваат никакви стандарди. Според нив, треба да биде исполнет ЕN ISO стандардот 15195, потоа да бидат дефинирани критериуми за луѓето кои имаат дијабетес тип 1.
- Сегашните апарати кои се од тајванско производство не се блиску до критериумите што се однесуваат на добивањето точни резултати поради големи отстапувања од референтната вредност. Побаравме на следниот тендер што при крајот на годинава треба да биде затворен, глукометрите да имаат имплентиран EN ISO стандард и да ги исполнуваат овие критериуми со минимални отстапувања од таа референтна вредност. Тој го дава производителот. Во Македонија за жал имаме една компанија која има претставништво. Сега имаат нови апарати на пазарот што овозможуваат интернет конекција на пациентот со докторот кој веднаш ги добива резултатите, рече Киров.
Според него, докторите треба да се изјаснат кои пациенти треба да носат апарати со сензор, кој треба два пати дневно (на секои 12 часа) да се штелува, бидејќи прави мали отстапувања.
- Во Македонија 40.000 дијабетичари примаат инсулинска терапија од кои 5.000 се тип 1, а останатите 35.000 се тип 2. Од вкупниот број, деца на возраст до 15 години се 300, додаде Киров.
Меѓу причините за појава на дијабетесот се стресот, неквалитетна исхрана, недоволна физичка активност, лошиот начин на живот, наследните фактори...
Во исчекување на исполнување на барањата, на дијабетичарите им преостанува и натаму да се обидат да имаат трпение дека ќе им биде обезбедена нова современа терапија, поголем број инсулински пумпи и апарати за мерење шеќер во крв кои ќе даваат прецизни резултати, а во меѓувреме тие ќе треба да се обидат да живеат без стрес во ова време на големи предизвици, дилеми и ветувања за оптимизам.
Рената Пепељугоска