Се уште нема договор за името, изјави премиерот Зоран Заев на денешната прес-конференција пред споменикот на паднатите борци во дворот на Владата по повод една година од работењето на Владата.

- Се уште не е ништо договорено. Како што соопштија министрите Димитров и Коцијас договорени се принципи и начела на договор. Се работи на правно формалниот аспект на самиот договор, следува разговор помеѓу мене и премиерот Ципрас, верувам деновиве, вечерва, утре или до петок. На овој разговор очекувам да направиме исчекор што е многу значаен и затоа ги следиме сите шпекулации во јавноста. Веднаш штом ќе имаме информација транспарентно ќе ја споделиме со јавноста, рече премиерот Заев.

Во однос на барањето на претседателот на државата Ѓорге Иванов да биде информиран за текот на разговорите, Заев рече дека на лидерската шефот на државата бил целосно информиран за сите детали, а за новите моменти од процесот на преговори што се случија по лидерската ќе биде информиран од министерот за надворешни работи Никола Димитров, кој, како што кажа, уште денеска ќе побара средба со Иванов за да го информира за последните финеси од преговорите.