Се уште нема договор за името, изјави премиерот Зоран Заев на денешната прес-конференција пред споменикот на паднатите борци во дворот на Владата по повод една година од работењето на Владата.
Во делот на чекорите за спроведување на договорот, посочи Заев, нема ништо тајно, ниту непознато. Станува збор за работи што се разговарале на лидерската средба пред неколку дена. Додадено е само тоа што некој сакал да го додаде.
- Чесно е да се разговара покрај за правно формалниот аспект на евентуален договор и за термините за негово спроведување. Овде во Македонија сите стоиме зад референдумот, а Грција има за тоа разбирање. Логично е да се постават чекорите на спроведувањето на евентуалниот договор, рече Заев.
На прашањето зошто пред референдумот ќе треба да се ратификува Договорот во Собранието со 61 пратеник, премиерот Заев рече дека тоа е за да може Грција да испрати писмо до НАТО и да добиеме покана за НАТО.
- Ратификацијата на договорот е нешто зад што застануваат двете влади и веројатно парламентарното мнозинство, а се надевам дека тоа ќе биде многу големо мнозинство, заедно со опозицијата. Но, секако сите треба да знаат дека конечен е референдумот. Крајот на септември, почетокот на октомври, веројатно е соодветното време. Ќе се договориме сите чинители во државата кога да се одржи тој референдум и преку него граѓаните ќе ни ги дадат насоките. Но, истовремено, граѓаните што ќе излезат на референдум сакаат да ги знаат ставовите на политичарите и тоа е отворено и транспарентна постапка и начин на кој се решаваат проблемите, изјави Заев.