Премиерот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев неделава оствари работна посета на Малта каде што покрај политичките средби со своите колеги, се сретна и со Македонската дијаспора во Малта, која очигледно е голема и за жал од година во година бројот на Македонци во оваа земја се зголемува.
Како што беше објавено на социјалните мрежи Заев остварил средби со Форумот за Демократска Македонија како и со Македонската заедница во Малта.
Форумот за Демократска Македонија на својот фејсубк профил ја објави следнава информација.
„Претставниците на Форумот за демократска Македонија во Малта, Игор Филевски, Живанка Витанова и Стево Ѓоргиев, се сретнаа со премиерот на Република Македонија, Зоран Заев, за време на неговата дводневна посета на оваа држава.
Како организација на иселениците што се залага #Македонија да биде демократска и правна држава, претставниците на #ФДМ, изразија поддршка на Владата за решавање на спорот за името со Грција и напорите за интеграција во НАТО и ЕУ. Беа упатени и забелешки за дел од кадровските решенија, на дипломатскиот дисконтинуитет во одредени земји со непоставувањето на амбасадори, на несоодветната родова застапеност на функциите, како и „нерешените судбини на свиркачите“ кои придонесоа за демократизација на Република Македонија и создавање услови за нов демократски процес во чекорењето кон правна држава. Македонскиот премиер Зоран Заев напомена дека Владата секогаш ќе биде отворена за секоја конструктивна критика и ќе дејствува во подобрување на нејзината работа.
Премиерот Заев објасни за проблемите со кои се соочува Владата при реализирање на родовата еднаквост на функциите и настојувањето тој сегмент да биде подобрен во следниот период, па се` до начинот на кој ќе се решат испразнетите амбасадорски места. Заев напомена дека Вршители на должност ќе бидат поставени во сите административни центри каде се чека нов амбасадори се додека не се реализира процесот што не може да добие своја разрешница без согласност од Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов. Во Малта наскоро ќе биде отворено конзуларно оделение, поради се` поголемиот број работници што доаѓаат за работа во оваа островска држава.
Што се однесува до прашањето за „свиркачите“ Премиерот Заев рече дека Владата прави се` за нивно згрижување за да го пребродат вакуум просторот создаден поради правните ситуации во кои се затекнати. ФДМ и натаму ќе бара решение од Владата поради суштинската улога на „свиркачите“ во откривањето на корупцијата и злоупотребите на функциите од позиција на моќ.
По прашањето за решавањето на проблемот со Грција и евентуалниот Референдум, Премиерот Заев ја образложи реалната и правната ситуација во однос на гласањето во дијаспора, од условите кои ги имаат иселениците за гласање според Уставот и Законите во овој момент, до опцијата за подобрување на можностите за правото на глас на иселениците.
Во понатамошниот дел од средбата по предлог од ФДМ беа предложени следни средби со Малтежани кои имаат влијание во туристичкиот бизнис и севкупната економија на островот, а претставници на македонската влада би можеле да ги информираат за можностите за инвестирање на релација Малта-Македонија.
Премиерот Зоран Заев рече дека иселениците недвојбено се сметаат за важен фактор како за економијата и инвестициите во Македонија, така и за конструктивната критика која ја упатуваат со цел подобрување на администрирањето и функционалноста на македонската влада.
Втората работна средба со Премиерот е закажана за денес попладне, по неговата средба со Премиерот на Малта и Претседателката на државата. На втората средба ќе бидат присутни и други претставници на здруженија кои се застапени на островот.
#ПоинакваДијаспора“
Од Македонската заедница во Малта пак, исто така споделија информација на фан страната за остварената спредба со Премиерот Заев.
„По барање на премиерот на Република Македонија, Zoran Zaev, а во склоп на дводневната работна посета на Малта, Македонската заедница во Малта, денес, 29 Мај 2018 година оствари кратка средба со владината делегација предводена од премиерот.
На средбата, Македонската заедница во Малта, која успешно работи веќе 2,5 години и брои над 5000 членови, го искажа своето незадоволство што средбата не се одржа во своите нови простории со цел да ја покаже својата работа и влијание во заедницата.
На средбата, исто така, преставниците на Македонската заедница во Малта, ја искористија можноста да побараат одговор на протесното писмо кое го упатија до премиерот преку министерот за дијаспора Едмонд Адеми во Март оваа година. Премиерот потврди дека го добил писмото и притоа додаде дека “протестирањето и различното размислување се демократско право на секој човек и затоа постои дебата“.
Во текот на средбата, ние, преставниците на Македонската заедница во Малта, ги потврдивме нашите ставови дека цврсто стоиме против промена на уставното име на Република Македонија, уставот и против законот за двојазичност, а неуморно работиме кон промовирање на Македонската кауза и заштита на македонскиот идентитет. Од причина што не наидовме на заеднички ставови при темите на разговор, ние, преставниците на Македонската заедница во Малта одлучивме дека е излишно да се продолжи разговорот кога е повеќе од очигледно дека двете страни застапуваат два сосема различни ставови и притоа предвремено ја напуштивме средбата.
#WeAreMacedonia #OneName #MACEDONIAONLY!
Со почит
Македонска Заедница во Малта“
И после ова на сцена стапува Македонскиот менталитет!
Да живее Република „да му умре козата на комшијата“ Македонија!