Конференција на тема „Заробена држава - илустрирана преку случајот - изградба на проектот „Скопје 2014“ ќе се одржи денеска во Скопје во организација на Транспаренси Интернешнл Македонија.
На конференцијата најавени се воведни обраќа на министерот за култура Асаф Адеми, на Националниот координатор за култура и меѓуресорска соработка во Владата на Република Македонија Роберт Алаѓозовски и на Слаѓана Тасева, претседател на Транспаренси Интернешнл-Македонија.
Според организаторот, тенденцијата на „заробена држава“, нетранспарентноста и контролата на извршната власт станаа воочливи преку низа спроведени мерки во практика со реализацијата на проектот „Скопје 2014“.
Конференцијата, наведуваат, има за цел претставници од институциите, невладините организации, медиумите и граѓаните како засегнати страни да дадат свој личен придонес и да дебатираат околу комплексноста на проектот и начинот на неговата реализација, облиците на делување, типологија на заробена држава како и постоење на серија пропусти во водењето на постапката и законски прекршувања поединечно за секој од изградените објекти.