Идниот викенд, од 7-ми до 9 јули, на малата сцена на Македонскиот народен театар ќе се одржува првиот дел од Интернационалниот фестивал на пантомима и физички театар „Панфиз 2018“ со изведба на четири претстави.

Фестивалот на 7 јули ќе го отвори претставата од Грција „Снешкото што не сакаше да се стопи“, наредниот ден се две претстави од Бугарија - „Симург“ и „Кругот на животот“, а на 9 јули - „Мандрагора“ од Србија. „Панфиз“ годинава ќе има и втор дел во септември со гостување на претстава од Финска.

Уметничкиот директор на „Панфиз“ Трајче Ѓорѓиев за МИА вели дека сите претстави се жанровски различни. Како и во минатите години, се внимавало на квалитетот на програмата и покрај слабата финансиска поддршка зз фестивалот кој веќе влегува во втората деценија од постоењето.

За 11-тото издание ќе има четири претстави од соседните земји во јули и една во септември од Финска. Публиката ќе види куклен, ритуален, класична пантомима и буто. Може ли да ни ги појасните жанровските разлики?

- „Панфиз“ се обидува оваа година да претстави неколку различни жанрови од областа на пантомимата и физичкиот театар. Во основа на сите овие жанрови, секако, е движењето, а пристапот во основа се базира на драматургијата и карактерите.

Па така, во куклениот има актер-аниматор кој ги води куклите (куклен театар), ритуален или театар базиран на некаков мит, еп, и слично, во кој се раскажува за некаква митолошка појава, приказна, преку говорот на телото на актерот, танцот итн., додека во класичната пантомима, главно, пантомимичарот користи изразни средства од областа на техниката на пантомимата базирана на Марсо, Декру, Баро и со помош на тие средства раскажува некаква приказна разбирлива за сите.

Буто е театар на движењето кој потекнува од Јапонија и е мешавина од германската експресионистичка школа за игра, Но театар и јапонската зен-традиција.

Оваа година фестивалот е во два дела па последната претстава е на 30 септември и е најавена како атракција. Кои се „Мимо Арт“ од Хелсинки и што ќе прикажат во претставата „Body Notes“?

- „Мимо Арт“ е новоформирана театарска трупа од Финска, која на „Панфиз“ во септември ќе прикаже една од своите најнови продукции – „Боди Ноутс“.

Претставата фасцинира со артикулираната сценска физичка игра, во исто време кокетирајќи со танцот како ад хок израз. Верувам дека навистина ќе биде едно освежување на фестивалот.

Од година во година програмата на „Панфиз“ се скратува во денови и по претстави поради малиот буџет. Дали институционалната поддршка е посолидна или и натаму опстојувате ентузијастички и на пријателски релации?

- И оваа година изостана посолидна финансиска поддршка за фестивалот, дури би рекол и е намалена, и тоа навистина ни ги отежнува организациските работи во секоја смисла.

Но, ете, како што рековте, ентузијастички и со помош на пријателите го одржуваме во живот овој фестивал којшто е навистина раритетен, не само на балканските простори, туку и пошироко.

И покрај финансиските проблеми, внимавате на понудата и на артистите, доаѓале познати пантомимичари, како Герасим Дишлиев на пример, ученик на славниот Марсел Марсо. Во што е спецификата на пантомимата за разлика од она што е т.н. уличен театар?

- Герасим е само едно од големите имиња на светската пантомима кои биле овде. Да не ги заборавиме Авнер Ајзенберг, Неандер & Бодекер, Дамир Дантес итн.

Што се однесува до спецификата, ние уште од самото зачнување на фестивалот решивме дека нема да ја практикуваме уличната форма на мимот и физичкиот театар туку ќе се обидуваме да протежираме претстави кои се предизвик за сцената-кутија, со издржана драматургија, режија и актерска игра претставена од врвни професионалци. На тоа сме горди и сè уште опстојуваме во таа концепција.

Имавте идеја за основање физички театар (мимодрама) и катедра за пантомима на Факултетот за драмски уметности. Зошто не е прифатена и дали е тоа причината што на програмата на „Панфиз“ нема македонски претстави?

- Имав, но веќе не размислувам за тоа. Јас сум тука, па кој сака нека ме повика, сеедно дали тоа ќе биде ФДУ, ЕСРА итн., не е важно. Сега засега ме повика ФМУ и таму на одделот балетска педагогија и класичен балет држам предавања по пантомима. Веќе завршивме со мојата прва класа и го одржавме испитот. Од септември продолжуваме со нови сили.

Зошто нема македонски претстави? Ова прашање е делумно точно, затоа што изминативе години од постоењето на фестивалот имаше пет македонски претстави, а зошто нема секоја година е прашање до тие што творат - дали имаат поддршка, дали им е исплатливо, имаат ли услови и сл.

Во секој случај, кај нас овој жанр некако е оставен на маргините на случувањата. Но, еве, јас ќе ви ја најавам мојата нова претстава на следниот „Панфиз 2019“, нормално ако биде поддржана од одредени фактори.

Младите од Македонија што сакаат да студираат пантомима најчесто одат во Софија. Дали и каде се ангажирани по дипломирањето со оглед дека овде немаме таков профилиран театар?

- Кој како ќе се снајде. Чиста пантомима ми се чини во Софија нема, вообичаено тоа студирање е придружено и со часови по глума и други релевантни предмети значајни за целокупното образование на еден актер, па така нивната диплома е актер-пантомимичар. Можеби грешам, но мислам дека е така.

Сите оние што завршуваат - или остануваат да работат во Бугарија, или се враќаат овде па си ја бараат среќата кој како знае и умее.

Хатка Смаиловиќ