Се повеќе сме сведоци на климатските промени и на ситуации во кои имаме невреме со пороен дожд, град и ветер или на енормно високи температури. Што може да очекуваме во следниот период? Дали ваквите временски екстреми ќе стануваат вообичаени?

- Според последниот извештај на Меѓувладиниот панел за климатски промени (IPCC), на основа на климатските модели, се очекува зголемувањето на просечната глобална температура на воздухот да продолжи во 21-век, како резултат на зголемувањето на антропогените емисии на стакленичките гасови. Во идната топла клима, голема е веројатноста топлотните бранови да бидат поинтензивни, позачестени и подолготрајни. Студените епизоди се предвидува значително да се намалат. Во однос на врнежите, во основа се проценува зголемување во тропските области, како и во поголемите ширини поради интензивирање на глобалниот хидролошки циклус, а намалување на врнежите се предвидува во субтропскиот регион.

Како климата се загрева, се очекува топење на снежната покривка и мразот и намалување на масата на глечерите и ледените капи поради поголемото топење на ледот во текот на летото, како и пораст на нивото на морињата. Според најновите податоци објавени од страна на Светската метеоролошка организација (СМО), климатските промени се забрзани и водат кон климатски и временски екстреми (деструктивни поплави, јаки суши, топлотни бранови, интензивни врнежи, шумски пожари и бури), кои за жал ќе постанат вообичаени и се очекува да имаат се поголеми социоекономски и развојни последици на целата планета.

Во последно време во некои земји од Балканот настануваат циклони кои предизвикуваат поплави и големи материјални штети. Дали нивната разорна моќ во иднина може да стане посилна?

- Циклоните во средните географски ширини, познати како фронтални циклони се динамички атмосферски системи со низок воздушен притисок во центарот и организирана врложна циркулација и се развиваат по должината на временските фронтови (гранични линии кои разделуваат две воздушни маси-ладна и топла). Евидентно е дека во последниот период, на овие простори, има се позачестена појава на циклони чија силина и влијание, во одделни прилики наликува на оние кои се јавуваат во тропските области.

Честината и силината на циклоните зависи од повеќето фактори: распределба на воздушните маси, осцилирањето на млазните струи (тенки појаси со силни ветрови во горните делови од тропосферата) температурните контрасти, распределбата на атмосферскиот притисок, бароклиноста на атмосферата, и други почетни услови кои егзистираат во карактеристичните области каде се формираат вклучувајќи ја температурата на површината на морињата, влажноста, испарувањето и останатите процеси во планетарниот граничен слој на атмосферата.

Скопската котлина не е изолиран случај. Пред две години во летниот период имаше невреме кое предизвика поплава во скопско Стајковци. На што се должат ваквите појави и дали таквото невреме може да се повтори имајќи ја предвид конфигурацијата на теренот?

- Во потоплиот дел од годината често настануваат облаци со вертикален развој или т.н. конвективни облаци. Истите се формираат при нестабилни атмосферски услови (вертикален транспорт на топлина и влага во атмосферата) во состав на постоечки атмосферски систем, во рамките на циклонска активност, фронтален систем, линија на нестабилност, конвективен појас на облаци со вертикален развој, конвективен систем во мезоразмери или друга организиран или единечни типови на конвективни облаци. Дополнителни фактори за нивно иницирање се: диференцијалното загревање на површината, влажноста на почвата, конвергенција на ветерот близу површината, прилив на влага во приземниот слој, промената на правецот и брзината на ветерот со висина, орографијата и др.

Таков организиран систем на конвективни облаци (кластер) на 6 август 2016 година го зафати северозападниот дел на Македонија, кога еден сегмент од овој динамичен систем еволуира во моќен-суперќелиски олуен облак со ротирачки вертикални движења и формирање на мезоциклон. Комплексната динамика карактеристична за овој тип облаци услови пролонгирање на животниот циклус на олујата и оневозможи брза дисипација на истата. Ледено фазните микрофизички процеси, придонесоа за голема продукција на вода во олујниот облак и услови екстремен интензитет на врнежи, кои предизвикаа ненадејни поплави во урбаниот, а посебно во руралниот дел на Скопското подрачје, каде за жал се случија несакани последици со загуба на човечки животи. Кога станува збор за олујни облаци една нивна специфичност е тоа што ваквите процеси се многу динамични, бурни, имаат мала просторна и временска рамка на еволуција и се манифестираат со голема силина. Со оглед на оваа нивна карактеристика, а имајќи ја специфичната разграната орографија во Македонија и во Скопската котлина, не се исклучува повторување на вакви слични временски непогоди посебно во летниот период, се разбира доколку постојат изразено нестабилни атмосферски услови и други иницирачки фактори кои ги забрзуваат и стимулираат атмосферските процеси за кои стана збор погоре во текстот. Во секој случај за подетално околу условите и невремето кое го зафати Скопско на 6 август 2016 постои детална анализа објавена во МИА, како и научен труд кој наскоро ќе биде објавен во реномирано списание.

Како глобалното затоплување влијае на климата во котлините, вклучувајќи ја и Скопската?

- Градовите за разлика од руралните области се повеќе изложени на климатските промени како резултат на глобалното затоплување. Но, за промената на климата во градовите кои настануваат поради човечки активности значајни се и локализираните ефекти од урбанизацијата. Истите се манифестираат со појава на изолирани области во урбаните средини со значително потопол воздух во споредба со околните рурални области. Интензитетот на истите зависи од урбаната морфологија, физичките карактеристики, урбаната димензија, третманот на топлинскиот отпад и регионалните климатски фактори. Урбанизацијата во голема мера влијае на средината, а исто така и на статусот на воздухот во приземниот слој на атмосферата во однос на режимот на температурите, релативната влажност, врнежите, ветровите, аерозагадувањето и друго. За ова прашање неопходна е подетална елаборација, со оглед на спецификите на градот Скопје како најразвиена урбана средина. За ова кај нас постојат компетентни стручни институции и експерти кои вршат специјални мерења и набљудувања, потемелно се занимаваат со истражување на климатските промени, вклучително и влијанието на глобалното затоплување на микроклиматските карактеристики на Скопската котлина.

Кои климатски промени може да се посочат како нетипични за Македонија во изминатите 10-15 години и какви климатски екстреми може да се очекуваат во следните 15-20 години?

- Според анализите изнесени во Деталниот национален план за климатски промени на Министерството за животна средина и просторно планирање, во кој учествуваа и експерти од УХМР, а согласно истражувањата за климатските колебања, во последните 20 години (1994-2012), средната годишна температура на воздухот во Македонија била постојано во пораст во однос на повеќегодишниот просек, додека во однос на режимот на врнежите постои генерален тренд на опаѓање на количеството на врнежи. Климатските сценарија претставуваат долгорочна проценка или проекции за климата во одредена област, за идните емисии на стакленички гасови неопходни за проценка на идната ранливост кон климатските промени. Според резултатите добиени од користење на неколку климатски модели со различни сценарија на климатска чувствителност, добиени се проекции за промената на климата во Македонија. Резултатите предвидуваат веројатност за понатамошно зголемување на температурата во периодот од 2025 до 2100 година, намалување на врнежите во текот на сите годишни времиња, со најголем дефицит во текот на летниот период. На основа на овие сознанија, а впрочем и во контекст на глобалните проценки за промената на климата, се очекува зголемување на честината и силината на некои типови на екстремни временски состојби, со посебен акцент на топлотните бранови и нивно манифестирање од глобално до локално ниво. Во услови на зголемени температури, и нестабилни атмосферски услови, поголема е веројатноста за иницирање на силни олуи проследени со интензивни врнежи и поплави. Екстремата топлина ја зголемува и веројатноста за појава на суши и шумски пожари. Во овој контекст, она што е навистина значајно е да се најави и новиот специјален извештај за глобалното затоплување на Меѓувладиниот Панел за Климатски Промени кој ќе биде утврден во Инчон, Република Кореа во октомври оваа година, а кој ќе содржи поизразени елементи за климатските промени. Конечниот извештај за научна проценка (А6) се предвидува да биде завршен во април 2022 година.

Човечкиот фактор се посочува како еден од главните виновници за глобалното затоплување. Колку овој фактор влијае (свесно или несвесно) на климата?

- Како што рековме постојат повеќе фактори за промена на климата на нашата планета. Еден од нив е антропогениот и се јавува заради влијание на човекот врз природната животна средина преку неконтролирани емисии на стакленички гасови во атмосферата, индустријализацијата, урбанизацијата, сечењето на шумите, опустошувањето, третманот на отпади, користењето на фосилни горива, обработката на земјиштето и друго. Ова всушност е прашање која го допира сегментот на урбаната климатологија и екологија која се однесува на специфична област од климатологијата која се бави со интеракциите помеѓу урбаните области и атмосферата, меѓусебните ефекти и различните просторни и временски рамки на процесите. За да се одговори потребна е целосна детална и научна анализа за придонесот на секој поединечен фактор или чинител и неговото влијание на урбаната клима.

Дали Скопје ги научи лекциите од природата, по земјотресот во 1963 и поплавата во 2016 година. Што може да се направи за да се намали ризикот од природни непогоди?

- Природните и временски катастрофи, се неизбежни и тие не препознаваат граници. За намалување на ризиците од катастрофи, неопходно е постојано градење и јакнење на капацитетот на институциите, примена на нови технологии, координативен пристап, развој на интегрален систем за најава и предупредување од повеќестепени хазарди каков предлага Светската метеоролошка организација чија полноправна членка е Република Македонија. Ова сето со единствена цел превенирање на ризиците и ублажување на негативните последици од нивното деструктивното влијание.

Временските промени се повеќе влијаат на луѓето и се почесто слушаме за метеопати. Колку временски услови навистина влијаат врз здравјето на луѓето?

- Метеоропатијата се дефинира како група на симптоми и реакции кои се манифестираат при промена на еден или повеќе метеоролошки елементи. Под метеоролошки елементи се подразбира температурата на воздухот, релативната влажност, атмосферскиот притисок, ветерот, врнежите, грмежите, атмосферскиот електрицитет и друго. Метеотропизам претставува чувствителност на промените во временските услови. Адаптивната способност кон брзата промена на временските услови е различна и во основа генетски предизвикана, што претставува и индивидуална карактеристика на секој поединец. Проучувањето на односот на човековата чувствителност на физичките и други динамички процеси во атмосферата, бара познавање на поединечните и сложени биометеоролошки елементи и нивна корелација со атмосферските процеси.

Повеќето луѓе знаат дека високиот индекс на УВ-зрачењето неповолно влијае врз луѓето, а може дури и да предизвика промени на кожата. Тоа исто така придонесува за предвремено стареење на кожата, дегенерирање и влијае врз имунолошкиот систем на телото. Мигрената се поврзува со влагата, ветерот и брзите промени кои се случуваат во период од еден или два дена. Високиот притисок во текот на зима се поврзува со стабилното и ведро време и појавата на инверзија, која на планините благопријатно влијае врз луѓето поради ведрото и јасно време, додека во котлините и долините се создаваат езера на студен воздух и појава на преладена магла, која може негативно да се одрази врз здравјето на луѓето, особено оние со респираторни заболувања. Наглото зголемување на притисокот го отежнува дишењето. Брзите продори на ладен воздух проследени со силни удари на ветер, како и зголемувањето на атмосферскиот притисок, неповолно влијаат на хроничните болни со респираторни и кардиоваскуларни проблеми. Ветерот, исто така, има големо влијание врз здравјето. Во зимски услови, ветерот ја одзема температурата на телото и го менува чувството на топлина, создавајки непријатност, немир и неудобност. Ветерот е фактор за појава на главоболка, депресија и несоница, а доста често се појавуваат и настинки, грип и воспаленија на кожата. Топлите ветрови неповолно делуваат на расположението. Времето влијае на човечкото расположение, емоции и однесување. Топлиот и влажен воздух со засилен јужен ветер предизвикува немир, засилена активност и агресивност. Овие фактори ги дразнат вегетативните центри предизвикувајќи зголемен крвен притисок, напнатост на мускулатурата и раздразливост. Топлотните бранови можат да предизвикаат топлотен удар, топлотна исцрпеност, отоци, сончаница, дехидратација. Поради полошата терморегулација повозрасните луѓе и децата потешко поднесуваат многу топло време. Студот може да предизвика: хипотермија, влошување на кардио-васкуларните болести, Рејнова болест, смрзнатини, алергии, уртикарија и др. Внежите и грмежите носат олеснување, не само поради зголемувањето на атмосферскиот притисок при напуштање на влијанието на циклонската активност, нестабилните временски услови, тмурното и променливо време, туку поради што воздухот е преполн со негативно наелектризирани јони. Тие го прочистуваат воздухот и го подобруваат расположението. Синото и јасно небо ја подигнува самодовербата, додека ведрото време го подобрува располжението. Олуите се неповолни за ревматичарите. Наидувањето на бурата први ќе ја почувствуваат луѓето кои страдаат од ревматски болести. Промените на временските услови скоро секогаш ги чувствуваат луѓето кои страдаат од ревматски заболувања. Главни проблеми кои се јавуваат се: болка, вкочанетост на зглобовите и мускулите, намалена работна активност и нервна нестабилност, кои се јавуваат при наближување на фронтови, зголемување на влажноста и опаѓање на атмосферскиот притисок. Овие пациенти се вистински метеоропати бидејќи многу порано ги чувствуваат временските промени кои наидуваат. Атмосферските фронтови ја намалуваат концентрацијата. Пореметувањето на атмосферското електромагнетно поле, што се случува за време на поминување на атмосферски фронтови, ја слабее концентрацијата, а оттука и брзината на реакција. Подетални информации за временските промени и како тие влијаат врз луѓето може да се најдат во книгите „Временските услови и здравјето” и „Weather and Human Nealth”.

Заедно со уште двајца ваши колеги во 1999 година пронајдовте изум за растерување на маглата. Министерството за економија во 2000 година го прогласи вашиот изум за Патент на годината, а освоивте и златна медаља Еурека во Брисел и Гран при во Будимпешта. Што ќе добиеја Скопјани доколку вашиот изум не заглави во фиоки и станеше применлив?

- Тоа беше многу одамна кога имавме можност да соработуваме со врвни експерти од светот во оваа област, преку учества на научни конференции, следејќи ги научните достигнувања и искуства во светот. Со целосно разбирање и поддршка од Технички Гасови-Скопје како носител на проектот, во тоа време успеавме да развиеме технологија за растерување преладени магли и да ја промовираме во Македонија и на светско ниво. Следеа голем број на награди, меѓународни признанија и сертификати. Во една сезона овој проект успешно се применуваше во јагленокопот на рудникот Суводол во комплексот РЕК-Битола, тогашниот „Аеродром-Петровец” на наплатни станици и други локации.

Апликацијата успешно беше презентирана и во градот Скопје, каде често се формираат магли во текот на зимскиот период од годината, а ефектите од постапката беа видливи само неколку минути по дејствувањето. Следеа години кога честината на појава на ваков тип магли беше намалена и оттаму и потребата за примена на оваа технологија. Во последно време проблемот повторно се акцентира и се наметнува како едно од можните решенија за намалување на негативните влијанија на овој временски феномен.

Во моментов работите како професор по метеорологија на Универзитетот во Виена, а имате работено и на скопскиот Универзитет. Колку Македонија е во чекор со европските трендови во метеорологијата и колку и се дава потребното значење?

- Еве веќе изминува една година од мојот нов повик како визитинг професор по метеорологија на државниот Универзитет во Виена, Австрија. На Институтот за физика при Природно-математичкиот факултет на Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ сум избран за насловен вонреден професор по метеорологија. Иако, во рамки на Институтот постои акредитација за групата метеорологија, сепак интересот не е доволен. Ова од аспект на помалата мотивираност кај младите кои би се определиле да студираат метеорологија и помалата веројатност да најдат вработување по завршувањето на студиите. Иако сме свесни за се поголемото значење на метеорологијата (физика на атмосферата) како научна дисциплина, нејзината интердисциплинарна примена во општеството, сепак неопходна е подобра стратегија за развој и примена на истата како би била во чекор со европските трендови.

Претпоставувам дека истражувачката работа се уште Ви е предизвик. Дали во иднина може да очекуваме некој нов изум од Вас?

- Последниве години не сум насочен кон истражување кое би довело до патентирање на некој изум. Но, како научник, длабоко сум инволвиран во научно-истражувачката работа во сегментот на моделирање на атмосферата и атмосферски процеси, како и други атмосферски истражувања. Работам и на моите две нови книги, едната со наслов „Fundamentals of Meteorology” а другата „Моделирање на Атмосферата и Нумеричка Прогноза на Времето”, за кои очекувам наскоро да бидат објавени.

Билјана Анастасова - Костиќ

Александар Атанасов