Поканата, сепак, ќе се конкретизира само со ратификација на грчко-македонскиот договор од двете засегнати страни, со што ќе се стави крај на спорот стар повеќе од четвртина век. Покрај тоа, НАТО како и секој сојуз, има свои сопствени предизвици и не претставува решение за сите проблеми, вели амбасадарот Тимоние во интервју за Makpress.mk.

Говорејќи за реформите, и за условената покана и за во ЕУ, амбасадорот вели: „Не е тајна дека постои голема разочараност, како во Франција, така и меѓу другите партнери, во врска со назадувањето на владеењето на правото во неколку држави од Европската унија, па дури и хронична инсуфициенција што ја осудија самите граѓани соочени со корупцијата во општеството или со неефикасноста на правдата. Затоа е важно да се почне од солидна основа, како во европската организација, така и кај земјите кандидати...“

1. По постигнување на договорот во Псаридис или Нивици за решавање на спорот со Грција, јавноста во земјава се подели на оние кои целосно се зад договорот и оние кои велат дека лошо е што се менува Уставот, односно името е за севкупна употреба. Како вие гледате на ова?

- По четвртина век сосема бесполезни расправи и правни спорови, постигнат е договор со кој ниту една од страните не е сосема задоволна, што не е за изненадување. Двете страни беа исправени пред предизвикот да се соочат со својата позиција како дел од сопствениот национален идентитет, осврнувајќи се притоа на минатото што ги носи тие болни моменти, без да се гледа кон иднината. Тие што овде велат дека станува збор за предавство, можеби треба да се запрашаат зошто оние од другата страна на границата постапуваат на ист начин, па дури се и погласни!

Гледано однадвор, особено зачудува фактот што ова историско прашање беше предмет на политичка манипулација и краткорочни пресметки.

Време е да надвладее разумот дури и кога боцка срцето: Oд тоа може да зависи иднината на земјата, во регион каде што идентитетите и границите мора да се консолидираат. Ова прашање е од општ интерес и треба да ги надмине политичките пресметки, ако земјата навистина сака да биде европска.

Договорот треба да се земе како шанса да се сврти една страница и да се испише нова, овојпат европска. Франција силно ја поддржува оваа иницијатива, која беше преземена со голема храброст од страна на одговорни политичари, кои навистина го заслужуваат тоа име. Би било штета ако овој тешко направен чекор не се спроведе, бидејќи е во интерес на сите, како на Македонците, така и на Грците и на Европејците, спорот да заврши со компромис што ќе биде добра вест за целиот континент. За ова, можеби навистина вреди да се менува Устав.

2. И покрај договорот за името, ЕУ јасно стави до знаење дека се потребни реформи или следеше тн. условен датум или дека ќе ни кажат дали ќе добиеме датум во 2019 година откако ќе се спроведат истите. Дали тоа значи дека реформите се приоритет за зачленување во европскиот клуб?

Европската унија не е клуб: Tаа пред сè е идеал за мир, за правен поредок и за демократија. Овој идеал конкретно се манифестира низ владеењето на правото, преку духот за компромис и одредено чувство за универзални вредности. Тие денес се рефлектираат во почитувањето на вредностите на солидарноста и посебната грижа за одговорноста што ја имаме кон иднината на нашата планета. Тое е всушност цивилизациски модел што има единствена привлечна сила. Тој овозможи да се ослободи комунистичка Европа од авторитарните и планирани модели, како и развој на демократијата во Јужна Европа.

Унијата беше создадена од различни причини во еден момент на вистината, кога беа потребни длабоки промени за да се постигне одржлив развој и да се исполнат очекувањата на граѓаните, како и нивните идеали.

Тоа го објаснува условот со кој се бара промените, поволни и коренити, констатирани во Скопје по 2016 година, да бидат потврдени преку продлабочување на реформите и практично, а не само формално спроведување на демократијата. Не е тајна дека постои голема разочараност, како во Франција, така и меѓу другите партнери, во врска со назадувањето на владеењето на правото во неколку држави од Европската унија, па дури и хронична инсуфициенција што ја осудија самите граѓани соочени со корупцијата во општеството или со неефикасноста на правдата. Затоа е важно да се почне од солидна основа, како во европската организација, така и кај земјите кандидати, а проширувањето да претставува придонес кон јакнење на европската конструкција, а не нејзино ослабување. Исто така, да не забораваме дека на крајот на краиштата, по пат на референдум или гласање во нашите парламенти, граѓаните се тие што ќе одлучат, а не бирократскиот апарат во Брисел или европските комесари, во врска со влезот на нови членки во Унијата. Затоа, овој пробен период мора да се сфати како шанса што ќе ни дозволи подобро да го согледаме проширувањето кон Западен Балкан, како регион кој, како што рече претседателот Макрон, ќе претставува природна завршница на градењето на Европа кога за тоа ќе дојде време.

3. И за НАТО Македонија доби условена покана....Што велите за ова?

Оваа покана е важна бидејќи претставува меѓународно признание и гаранција за безбедноста во регионот каде што стекнатиот мир треба да се зацврсти. Исто така, јасно е дека припадноста на ист сојуз може само да ги убеди сите заедници, да се релативизираат границите без нивна промена, а инвеститорите да се убедат дека се работи за предвидлива и стабилна средина.

Поканата, сепак, ќе се конкретизира само со ратификација на грчко-македонскиот договор од двете засегнати страни, со што ќе се стави крај на спорот стар повеќе од четвртина век. Покрај тоа, НАТО како и секој сојуз, има свои сопствени предизвици и не претставува решение за сите проблеми.

Во интерес на Македонија е да размислува, како и другите европски земји, за својата сопствена безбедност во согласност со интересите на Европа, што значи изградба на европска одбрана со автономни средства. На иницијатива на Франција, направен е напредок во оваа насока и ние со голем интерес очекуваме, како што покажа волја, земјата да учествува во мировни операции предводени од Европската унија или од Обединетите нации. Стратегискиот одбранбен преглед, што Владата го усвои на почетокот на јули, ќе ѝ овозможи на Македонија да има воена алатка совршено интероперабилна со другите европски армии.

СЕРИОЗЕН ТЕСТ

4. На Самитот на ЕУ се заклучи да се отворат центри за бегалци на доброволна основа. Ќе прифати ли Франција мигранти? Каква е можноста тие центри да бидат главно надвор од земјите на ЕУ, како Македонија, Србија...?

Проблемот со миграцијата ја става Европа на сериозен тест, особено што постојат одредени понекогаш реални, понекогаш нереални стравувања. Вистината и разумот мора да надвладеат над предрасудите и емоциите. Позицијата на Франција е јасна во врска со нашата должност да ги прифатиме и заштитиме оние што ги исполнуваат критериумите за право на азил. Неодамна беше усвоен нов закон за „Азил и имиграција“ со цел да се забрза обработката на барањата, да се контролира имиграцијата и да се олесни интеграцијата на прифатените странци. Доаѓањето на економски мигранти, во Франција, како и на други места во Европа, покренува многу прашања со позитивни ефекти од економска гледна точка на среднорочен план, на нашиот континент со ниско демографско ниво, но и негативни во однос на идентитетот, што е разбирливо. Масовни прифаќања, како и масовни отфрлања се ирационални. Треба да се најде сеопфатно европско решение, каде што сите ќе може да дадат свој придонес. Точно е дека состојбата со прифаќањето на мигрантите ги доведува во искушение нашите принципи, нашите надежи и нашите стравови како Европејци. Меѓутоа, подеднакво е јасно дека за државите што се први на удар не може да се дозволи да останат без помош или конкретна солидарност, ниту да се загрози слободното движење без да се доведат во прашање самите принципи на европската конструкција.

Обработката на досиејата на барателите надвор од Унијата претставува сè уште отворено прашање кое бара технички и човечки, па дури и политички решенија кои се преземаат на европско ниво. Исто така, предизвикот во врска со развојот на Африка не треба се одбегнува на долгорочен план поради проблемите со емиграцијата. Сето ова мора да нè доведе до заеднички европски размислувања, коишто ги надминуваат тесните национални интереси и до коректна размена на одговорности и на решенија. Во секој случај, јасно е дека, освен ако не се откажеме од она што сме и од нашите вредности, не можеме да се изолираме од остатокот на светот: тоа е компензација за нашиот успех и веројатно, услов за негово продолжување.

ЗА ВРЕДНОСТИТЕ НА ФРАНЦУСКАТА РЕВОЛУЦИЈА

5. Франција на 14 јули го слави падот на Бастилја или почетокот на француската револуција. Револуцијата, сама по себе, е епохален настан во историјата на Европа. Се смета за пресвртница во западните демократии, граѓаните по овој настан се главна политичка сила, се прогласува еднаквост на граѓаните пред законот и суверенитет на нацијата. Колку овие вредности денеска се на дело, односно можеме да ги видиме?

Силата на принципите на Француската револуција останува непроменета. Тие сè уште го инспирираат нашиот правен систем бидејќи Декларацијата за правата на човекот и граѓаните има уставна вредност. Нашиот уставен совет неодамна донесе одлука да се даде правна вредност на терминот "братство", како дел од девизата на нашата Република, покрај слободата и еднаквоста. Оваа одлука, која се чинеше изненадувачка, но со која сите се согласија, е донесена за да ги заштити оние коишто, без мотиви за некаква заработка, ги поддржуваат странците што се соочуваат со потешкотии, дури и ако нивниот правен статус на нашата територија не е признаен. На тој начин се овозможува судот да добие правна рамка преку легитимитетот на државата и да ги решава прашањата за престојот на странците и нивниот статус, а притоа да се избегне можноста чинот на солидарност како резултат на една сосема човечка реакција да биде окарактеризиран како криминален чин. Во таа насока, Уставниот суд, исто така, даде одговори на некои од забелешките на Народниот правобранител кој неодамна потсети дека нашата држава мора најнапред „доследно да ги почитува основните права“. Токму свеста за правниот поредок и за основните права на секое човечко суштество, надвор од некои размислувања и стравови на јавноста и земајќи го предвид принципот на реалноста, останува едно темелно достигнување и репер за сите политичари. Во време кога нелибералните доктрини се шират или сме сведоци на нивна посветеност во Европа и кога ќе помислиме дека на истите тие места се случувале најтажните настани во триесеттите години, јас сум горд што нашата Република наоѓа сила да ги реафирмира своите принципи, кои ја направија силна и коишто ѝ даваат значење на Европа која сакаме да ја изградиме, како и на нашата активност во светски рамки. / С.Б.