Хрватската претседателка Колинда Грабар-Китаровиќ, која е во дводневна официјална посета на Албанија, во обраќањето пред пратениците на законодавниот дом, вети целосна поддршка за Албанија, нагласувајќи дека Албанија била пријател на Хрватска кога пријателите биле малуборјни.

- Многу Албанци го жртвуваа својот живот за Хрватска и ние тоа не го забораваме. Отворањето на Хрватската амбасада во Тирана во 1994 година беше голем настан за односите меѓу двете земји. Сега, Хрватска и Албанија учествуваат заедно во операции во Авганистан. Хрватска силно ја поддржува европската перспектива на Албанија, патот за интеграција во ЕУ и го поздравува напредокот што го постигна Албанија, рече Грабар-Китаровиќ.

Според неа Албанија е многу важен стратешки и политички партнер.

- Албанија е многу важен не само стратешки, туку и политички партнер, а тоа е признато и од ЕУ. Хрватска силно го поддржува албанскиот пат кон интеграција во ЕУ и го поздравува севкупниот видлив напредок што Албанија го постигна во исполнувањето на критериумите потребни за членство во ЕУ, посочи Грабар-Китаровиќ, нагласувајќи го напредокот што Албанија го постигнала а што треба, според неа, да го признае и ЕУ.

Таа пренесе позитивни пораки и за албанските политичари, истакнувајќи дека интеграцијата бара национално единство.

- Би сакала да ви честитам за одлуката на Советот која го призна позитивниот напредок на Албанија. Тоа е пат за почеток на преговори во јуни 2019 година. Затоа многу е важно да се обезбеди национално единство за стратешки прашања со цел да се одржи мотивацијата за реформи. Во овој контекст, реформите што Албанија ги направи досега, особено оние од областа на судството, треба да се препознаат и да се признаат, наведе Грабар-Китаровиќ.

Таа посочи Хрватска силно ќе заложи за да се овозможи одржување на друг самит помеѓу ЕУ и Западен Балкан, а и најави поголема соработка во областа на економијата, подобрување на патната инфраструктура меѓу двете земји, како и заеднички активности за заштита на животната средина долж Јадранот.