Таквите напади имаат за цел да и наштетат на независната надворешна политика, коментираат извори од грчкото МНР за АНА-МПА и го осудуваат вчерашниот напад на „Рубикон“ врз еден од објектите на Министерството во центарот на Атина.
- Таквите напади се со цел да и наштетат на независната надворешна политика на земјата и не се соодветни ниту за левичари ниту за патриоти и се резултат на неодговорната екстремно десничарска реторика која удобно се вклопува во плановите на трети, коментираат извори од Министерството за надворешни работи на Грција, за грчката новинска агенција АНА-МПА.
Доцна синоќа во грчките медиуми се појави информацијата дека за време на нападот било приведено едно лице, кое имало камера. На ваквите написи, со видео, одговорија од „Рубикон“, јави дописничката на МИА од Атина.
- Од различни сајтови се информиравме дека „беше приведен камерманот на Рубикон. За да завршиме со овие смешни работи, објавуваме видео, напишаа членовите на анархистичката група, објавувајќи видео од вчерашниот напад.
Како што вчера објави МИА, во знак на солидарност кон палестинскиот народ, како што самите објавија на анархистички сајт, група од околу 10 членови на „Рубикон“ флија боја врз една од зградите на Министерството за надворешни работи на Грција во центарот на Атина.
Објектот на грчкото МНР се наоѓа во строгиот центар на Атина, веднаш наспроти грчкиот Парламент, а во близина на амбасадата на Франција, дел од грчката престолнина што важи за добро обезбедуван и под постојано присуство на полиција .
Тоа беше втор напад на „Рубикон“ за помалку од 20 часа. Вчера, околу пет часот утрото, членови на анархистичката група ги скршија прозорците на објектот на даночната служба во северниот дел на Атина, што се наоѓа во близина на амбасадата на Израел.