Одлука за давање на помош во висина од два милиони денари за настраданите во катастрофалните пожари во Република Грција донесе на втората вонредна седница Советот на Град Скопје.

Како што информираат од Град Скопје, со одлуката како израз на солидарност спрема настраданите во катастрофалните пожари во Република Грција, градот ќе додели помош во износ од два милиони денари, поточно парична помош во износ од милион денари и непарична помош во износ од милион денари.

- Денеска е тажен ден за нашиот град. Денеска одбележуваме точно 55 години од катастрофалниот земјотрес кој го погоди Скопје во 1963 година, и се совпадна на овој ден кога ние треба да возвратиме на хуманоста која нашиот град ја доби од целокупната меѓународна заедница, кажа градоначалникот Шилегов.

Скопје стана град на солидарност и хуманост по катастрофалниот земјотрес во кој загинаа над илјада луѓе. Хуманитарните организации во многу земји собираа и донираа помош за Скопје.

Општина Карпош отвори пунктови за собирање на донации за жртвите и настраданите од пожарите во Република Грција, еден во спортската сала на училиштето „Лазо Трповски” и уште еден во во спортската сала на училиштето „Владо Тасевски”.

Пунктовите, како што информираат од општина Карпош, ќе бидат отворени од 12:00 до 18:00 часот денеска и утре, додека за време на викендот од 10:00 до 14:00 часот.

Градоначалникот на општина Карпош, Стефан Богоев ги повика сите граѓани, фирми и организации да ја покажат својата хуманост и да донираат дел од потребните продукти: вода, конзервирана храна, средства за хигиена и за дезинфекција, како и пелени за бебиња.

- На денот кога одбележуваме 55 години од катастрофалниот скопски земјотрес, да се солидаризираме и да подадеме рака кон Атина која во минатото придонела во обновата на Карпош. Улицата “Атинска” која се наоѓа во урбаната заедница „Владо Тасевски“ (Млечен) е потсетник на хуманоста што Атина ја покажала кон Карпош. Сега е време ние да возвратиме, рече Богоев.

Граѓаните имаат можност да донираат 100 денари со повик на телефоните 075/070/077 143 400 или со доннација на Жиро сметка на Фонд на солидарност: 300000001327966 ДБ 4030984271620 – Комерцијална банка.