Прилеп по 17-ти пат оддаде почит на десеттемината загинати бранители, прилепчани, кои на 8 август 2001 година на свиреп начин беа убиени кај масноста Карпалак.

Животите ги загубија: Нане Наумоски (48) ─ од Прилеп, Сашо Китаноски (39) ─ од Прилеп, Бранко Секулоски (42) ─ од Прилеп, Горан Миноски (29) ─ од Прилеп, Марко Деспотоски (27) ─ од прилепско Новоселани, Ердован Шабаноски (20) ─ од Прилеп, Љубе Грујоски (31) ─ од прилепско Пашино Рувци, Дарко Велјаноски (27) ─ од прилепско Ропотово, Веби Рушитоски (26) ─ од Прилеп, Пеце Секулоски (29) ─ од прилепско Бело Поле.

Конвојот со 13 транспортери, 15 тенкови, 30-тина камиони, потешко пешадиско оружје: топчиња, хаубици и два автобуса со резервисти одел кон Тетово, Еребино, за да изврши смена на силите и да однесе дополнителна опрема за војската којашто била сместена во Тетовско. Со минофрлачи, тромблони, зољи и автомати беше пукано од клисурата Карпалак и беше погоден еден камион кој се запали. Беше запалено и едно цивилно возило, а куршумите од автоматското оружје завршија и во автобусите со кои се транспортирале војниците, но возачот успеал да го оддалечи возилото од местото на заседата.

Токму Ацо Јованоски – Реган, беше возачот на тој немил настан, а за неговото херојско дело се раскажува и денеска.

Тој е редовно присутен на одбележувањето на овој ден на Карпалак, а денеска одново потсети дека сеуште не е изградено спомен обележје на ова место на кое достојно ќе се одбележува овој немил настан од поновата македонска историја.

-Секоја година го одбележуваме овој ден без достоинствен споменик на кој ќе положиме цвеќе туку тоа го правиме на банкината од автопатот. Овие загинати заслужуваат многу повеќе, а ние како град Прилеп и прилепско сме горди бидејќи тие го дадоа најскапоценото, нивните животи бранејќи го интегритетот на Македонија, изјави Јовановски.

Градот херој на своите храбри синови им се оддолжи со монументално дело во центарот на градот, спомен обележје кое вечно ќе потсеќа на нивните прерано згаснати животи.