Во кабинетот на градоначалникот на Струмица, Коста Јаневски денеска се одржа координативен состанок со членовите на организацискиот одбор и претставници на институциите кои даваат логистичка поддршка пред утрешниот почеток на седмото издание на Струмица опен фестивал.
Севкупната организација, а посебно безбедноста за време на последните три музички вечери, кога и се очекуваат најголем број посетители, беше темата на која се разговараше на состанокот.
- Безбедноста ни е приоритет и најмногу разговаравме од тој аспект. Сакаме тие настани да поминат во едно добро расположение и луѓето да се чувствуваат убаво и безбедно. Користам прилика да ги поканам сите наши сограѓани, гости од другите градови во државата и од странство, кои веќе се најавуваат дека ќе бидат присутни, да дојдат и да присуствуваат на овие настани и да поминат во добро расположение, изјави градоначалникот Јаневски.
Томи Печков од организаторот на фестивалот, Здружението „Културно забавен живот“ се заблагодари на прусуството на претставниците на институциите и истакна дека во сите фестивалски денови и тие како организатори заедно со надлежните институции ќе се погрижат и ова издание на Струмица опен фестивал да помине во најдобар ред.