Бендот „KHARA“ ( Милан Трајковиќ, Емил Пачковски, Филип Стојковски и Филип Михајловски) е еден од ретките во Македонија кој креира инструментална пост-рок музика. Бендот минатиот месец одржа концерт во кумановскиот Центар за култура.
Неодамна одржавте концерт пред кумановската јавност со поддршка на Центарот за култура. По кој повод го оддржавте?
Филип Михајловски: Целта на концертот беше да се одбележи крајот на нашата онлајн кампања за собирање средства за албумот што треба да излезе во септември. Работевме константно и посветено на овој албум и мислиме дека ќе биде наше најдобро издание до сега.
И во новиот албум ќе се задржите на правецот по кој сте препознатливи на музичката сцена во Македонија, пост-рокот. Колку наслови ќе може да слушне публиката?
Милан Трајковиќ: Публиката ќе има можност да слушне шест наслови, а од нив три веќе имаше можност да ги слушне на концертите во Куманово и Скопје, што беа посветени за кампањата за албумот „Heaven Can Wait”.
Каде ќе биде промовиран новиот албум, имате ли поддршка од институциите?
Филип Стојковски: Прерано е за да кажам со сигурност, но веќе преговараме за Куманово, Скопје и Битола. Во моментов имаме одлична соработка со МКЦ во Скопје и НУЦК “Трајко Прокопиев” во Куманово, каде и планираме да го промовираме албумот.
Колку години функционирате како бенд и кои се членови?
Филип Стојковски: Бендот KHARA постои од октомври 2014 година, а наше прво ЕП „This Cruel, Mournful Circle” е издадено на 1 јуни 2015. Во бендот се Милан Трајковиќ, Емил Пачковски, Филип Стојковски и Филип Михајловски.
Колку изданија имате?
Емил Пачковски: До сега имаме издадено едно ЕП „This Cruel, Mournful Circle”, нашиот деби-албум “There Were Heroes Amongst Us” еден албум кој е направен за филм со кој носат исто име “Exile 2.0” и неколку сплит-албуми и преработки кои се дел од нашата соработка со останатите бендови во Македонија како Leitmotif, Bernays Propaganda и други.
Освен, во Македонија каде досега сте настапиле?
Милан Трајковиќ: Сме настапувале во сите држави на Балканот. Во октомври минатата година имавме турнеја и одржавме четиринаесет концерти во Србија, Хрватска, Босна, Словенија и Унгарија. Пред тоа имаме настапувано неколку пати во Бугарија и Грција.
Каква е соработката со бендовите од државата и надвор од неа?
Филип Михајловски: Како што веќе напоменав, имаме направено неколку сплит-албуми со бендови во Македонија, а имаме и соработувано со многу артисти надвор од нашата држава, една од наши позначајни соработки е со францускиот режисер Felix Brassier со кој имаме снимано спот, како и правено музика за неговиот документарен филм.
По што се разликувате од останатите бендови во Македонија?
Емил Пачковски: Мислам дека најмногу се разликуваме по музиката која ја свириме. Во Македонија не сме сретнале бенд со иста замисла за креирање на инструментална пост-рок музика. Можеби најразлично е што ја создаваме нашата музика со цел да биде дел од некој визуелен медиум и затоа се разликуваат аранжманите со песни од други жанрови.
Познати сте како бенд кој продуцира инструментална музика. Дали имавте соработка со режисери, уметници од филмската индустрија?
Филип Стојковски: Имаме правено музика за филмот “Exile 2.0” на режисерот Felix Brassier, како и неколку концерти со визуелизации во живо од артисти тука во Македонија. Во иднина планираме да работиме на уште еден документарен филм, а се надеваме на уште повеќе соработки со филмската индустрија.
Многумина ве доживуваат како бенд од алтернативна сцена дали себе си се доживувате како дел од таа сцена?
Милан Трајковиќ: Така сме перцепирани во Македонија. Ние лично не можеме да ја ставиме нашата музика во ниту една сцена. Сакаме да имаме слушатели од секоја возраст, луѓе со најразлични позадини. Главната цел на нашата музика е да допре до свеста и емоциите на сите луѓе, не само припадници на една сцена. Едно што можам со сигурност да кажам е дека припаѓаме на онаа група на инди-артисти, кои работат самостојно на нивната музика, промоција, концерти и соработки.
Што сака да слуша македонската публика?
Емил Пачковски: Нашето размислување на ова парашање ја зема предвид целата публика, не само македонската. Ние мислиме дека музиката треба да се перцепира на многу повеќе начини и со многу повеќе алатки, покрај слухот. Ако свирење на концерт во живо има за цел да пренесе одредени емоции и размислувања кон публиката, визуелното дополнување на таа музика го зголемува ефектот.
Александра Максимовска