Настапот на неповторливата босанска вокалистка Амира Медуњанин и „АМИРА триото“ вечерва на „Охридско лето“ претставува посебно музичко доживување, патување низ времето и регонот преку нејзините прекрасни преработки на традиционалните босански севдалинки, но и песни од богатото народно творештво и фолкор на поширокиот балкански регион.
Со Медуњанин, која важи за една од најактивните промотори на музичкото наследство на Босна и Херцеговина, МИА имаше привилегија да направи мини-интервју пред нејзиниот вечерашен настап во прекрасната „Света Софија“. Инаку, интересот на публиката за нејзиниот концерт заедно со Звонимир Шестак и Анте Гело е толкав што билетите беа однапред распродадени.
Веќе втор пат настапувате на Фестивалот „Охридско лето“. Што поразлично ќе и понудите на публиката која ја воодушевивте претходниот пат?
- Да, ова е втор пат како настапувам на Фестивалот. Среќна сум што повторно доаѓам. Охрид е прекрасен и искрено ми е мило што ќе се дружам со луѓето со кои се запознат минатиот пат. Останавме во контакт цело ова време и воглавно се допишуваме преку социјалните мрежи. Видете, доста време помина од минатиот настап, а во меѓувреме го издадов ретроспективниот албум „Ascending“. Оваа година прославувам 15 години од присуство на музичката сцена, така што сакав да го направам како рекапитулација на се она што ми се случуваше. На албумот соработував со норвешкиот уметнички ансамбл „Трондхајм Солстене“, како и голем број врвни музичари: Бојан Зулфикарпашиќ, Анте Гело, Звонимир Шестак, Бошко Јовиќ и Никола Стајиќ со кои настапувам долги години. Албумот е објавен пред 15 дена и се надевам дека ќе им се допадне на луѓето во Македонија.
Фестивалот „Охридско лето“ е најголем бренд на културата во Македонија и најважната музичко-сценска манифестација не само тука туку во регионот. Какво е чувството да настапувате на сцени на која изминатите 57 години концертирале уметници со светска слава?
- Со еден збор – прекрасно. Прекрасен град, луѓе со отворени срца, одлична организација и врвни уметници. Не може подобро од тоа. Мене ми е особена чест што сум дел од Фестивалот. Минатиот пат уживав, верувам дека така ќе биде и сега.
Црквата „Света Софија“ е специфична поради својата акустичност, што претпоставувам го почувствувавте на минатото гостување. Колку Ви се допаѓа амбиентот каде ќе настапувате?
- Да, акустиката е неверојатна. И настапот беше прекрасен. Би сакала и оваа наша нова средба да биде добра како минатата. Ќе изведам поголем број песни, така што и концертот ќе трае малку подолго.
Во вашите избедби и на вашите албуми има и македонски традиционални мелодии. Имате ли некоја што посебно ви легнала на срце?
- Целиот свој живот ги слушам тие прекрасни песни и за овие 15 години имам преработено многу македонски песни, некои од нив се снимени на претходните албуми. А што се однесува на омилена песна, ги има премногу така што би ми било мошне тешко да се определам...
На последниот нејзин албум работен со ансамблот „Трондхајм Солстене“ меѓу другите се наоѓа и преработка на македонската народна песна „Си заљубив едно момче“. Самата Медуњанин смета дека преку таквите нејзини проекти на најдобар можен начин придонела за промоција на македонскиот, јазик, култура и традиција во светот.
Александар Бачиќ