Нема зборови со кои може да се опише ужасот од последиците од патолошко коцкање, вели Марко Ромиќ, единствениот човек во Босна и Херцеговина, кој континуирано се занимава со лекување на оваа болест. Ромиќ е психолог специјалист за травметска психологија во мостарскиот Дом на здравје, но и водач на КЛОК (Клуб на лекувани зависници од коцкање).
Ромиќ го води КЛОК од 2010 година, и е дел од мрежата на клубови на лекувани алкохоличари и коцкари „Владимир Худолин", кои беа особено активни пред војната во Југославија. Потребата за нешто слично се појави веднаш по војната, со појавата на првите обложувалници во БиХ.
- Нешто слично постои и во Сараево, но не се нарекува КЛОК, туку е повеќе терапевтска група, иако имаме корисници кои доаѓаат од тој град на нашите состаноци. Доаѓаат луѓе кои имаат проблеми со коцкање од Ливно до морето, а ги има и од Никшиќ, вели Ромиќ.
Патолошки коцкари се оние кои исполнуваат еден од десетте критериуми во согласност со меѓународните стандарди, како што се вложување се повеќе пари во коцкање, ако се коцка за да се „вади“, ако со тоа нарушува некои социјални односи или обврски... До 2013 година обложувањето не се сметаше за зависност, туку нарушување на контролата на импулси, како на пример, пироманијата.
Поразителни бројки
- Според меѓународните стандарди, седумдесет проценти од населението на некое подрачје, најмалку еднаш дошло во контакт со коцка или игра на среќа, а од тој број, еден до еден и пол проценти стануваат патолошки коцкари. Според таа проценка, во Мостар има близу 1.200 патолошки коцкари. Кога неодамна на една конференција во Сараево реков дека во градот има од 3.000 до 4000 патолошки коцкари, и оти се лекуваат само дваесет од нив, сите сите ми рекоа дека ги има многу повеќе. Се проценува дека во БиХ има околу педесет илјади патолошки коцкари, изјави Ромиќ, истакнувајќи дека низ мостарскиот КЛОК во овие осум години поминаале стотина од оние кои се лекувале, и се распрашувале петпати повеќе.
Осумдесет проценти од оние кои се лекуваат станале патолошки коцкари благодарејќи на обложувалниците, најлоши се последиците кај оние кои „заглавиле“ на рулет, а во последно време има се повеќе и патолошки коцкари зависни од бинго, кое го преферираат жените. Преку групна терапија на КЛОК минале само четири жени, но Ромиќ оценува дека е односот 80:20 проценти доколку патолошките коцкари се поделат на полова основа.
- Најмлад патолошки коцкар кој доаѓал кај нас, или чии родители го „довлечкаа“ беше втора година во средно училиште, односно имаше 16 години. Најстара беше една жена на 74 години. Има многу образовани луѓе, инженери, лекари, најголемиот дел од нив се со средно училиште, ги има од урбаните, како и во руралните средини. Коцката не ја бира жртвата. Интересно е дека настрана комарот, тоа се обично драги, паметни и добри луѓе, но коцката го урива сето тоа, и тие ги поткопуваат сите односи околу себе, објасни тој.
Главна причина не се социјални можности
Ромиќ кажува дека основната причина за станување патолошки коцкар не мора да биде социјален мотив и сиромаштија, бидејќи има доста кои пред коцкањето имале и повеќе одошто им е потребно. Кај коцкањето постои одредено задоволство во исчекувањето и неизвесноста на исходот од овие активности.
- Има такви кои добиваат педесет илјади конвертибилни марки и на тој начин можат да ги вратат сите долгови и да купат автомобил кој цело време го посакуваат, но не, тие одат понатаму и за три дена не само што немаат пари, туку се во минус седумдесет илјади КМ. На лекување имавме девојка која беше извонредна во се, се додека на факултет не почнала да се коцка. Три години ги лажела родителите, се додека момчето не ја пријавил дека му должи сериозни пари, рече тој.
Тој раскажа за еден студент од мал град, подалеку од Мостар, кој пет години фиктивно студирал во Мостар, лажејќи ги своите родители, кој не положил ниту еден испит, а сите пари ги потрошил на коцка. Кога „пукнала“ целата работа после пет години, избил голем скандал.
Групната терапија е најважна
- Третманот го вршиме во два правци. Првиот е индивидуален третман, кога некој доаѓа, а никој никогаш не доаѓа сам, туку го довлекуваат родителите, сопругата, братот, сестрата. Прво правиме психолошка проценка и се гледа дали се потребни индивидуални третмани ако засегнатиот паднал во депресија, или одредени анксиозни состојби, бидејќи постојат луѓе кои дури размислуваат и за самоубиство. За жал, постојат и такви кои поради коцка тоа и го направиле. Знам најмалку тројца, четворица такви. Вториот, оној поважниот дел е КЛОК, бидејќи групата има чудесна моќ. Кога доаѓа нов член, тогаш групата му ги пренесува своите искуства и тој гледа дека тие се исти како него или уште полоши, и дека тие, всушност, преку личното искуство се многу поважни од некои мои приказни, бидејќи теорија може да научи секој, вели психологот Ромиќ.
Кај лекувањето, акцентот е на семејниот пристап, бидејќи во групата никогаш не се доаѓа сам, туку со сопругата, девојката, родителите, некои од членовите на семејството, затоа што семејството е жртва. Несреќата кај коцката е поголема бидејќи не завршува со коцкарот, туку бракови се распаѓаат, страдаат деца и жени ...
- Најголема грешка е да не се реагира на време, семејствата знаат тоа да го кријат и по седум, осум години. Прво, мајката го покрива детето кај таткото кога ќе украде некоја марка, подоцна таткото ги крие од семејството поголемите долгови. По неколку години, семејството се крие од соседите, наместо на почетокот јавно да кажале на сите дека детето има проблем со коцкањето и да направат нешто за негово лекување, вели Марко Ромиќ, претседател на КЛОК.
Бројот на обложувалници е голем проблем
Дел од проблемот е присуството на обложувалници на секој чекор.
- Сигурно големото присуство на обложувалници кај нас е еден од факторите кои влијаат на големината на проблемот. Да немаше обложувалници, не би бил толку присутен проблемот. Пред војната имавме лотарија, спортска прогноза и казина, но немавме волкав проблем. На Запад постојат обложувалници, но мора да се оди на периферијата на градот, добро да се помачите за да најдете обложувалница. Можеби ќе се откаже од барањето, а кај нас се на секој чекор, рече тој.
Патолошките коцкари се неверојатно инвентивни, измислуваат многу креативни лаги за да добијат пари, позајмица или да измамат некого.
- Лагата е нивната главна алатка, и сето тоа некое време „држи вода“, додека не пукне. На нашите состаноци кога ќе почнат да ги раскажуваат нивните лаги, тоа е подобро од театарски претстави. Во основа сите на почеток имаат слични „финти“, изгубен паричник, позајмуваат пари на пријател кому сопругата е на умирање, административни проблеми во банка, судар - па да се плати на човекот за да не доаѓа полиција ... Никогаш не сум слушнал за случај некој сам да се излекува од патолошко коцкање, вели Марко Ромиќ.
Тој вели дека не може да се каже дека постои одреден коцкарски тип на човек, дека тоа има врска со генетика или нешто слично.
- Сепак, постојат некои линии, кои би можеле да бидат повлечени. Истражувањето кое го спроведував на своите групи ми покажува дека сите патолошки коцкари имаат отвореност за нови искуства, што е еден вид на наивност или лековерност. Патолошкиот коцкар во својата суштина е наивен, рече Ромиќ.
Државата не плаќа ништо за лекување на патолошки коцкари
Општеството би требало пред се да работи на развојот на свеста, што е долгорочен процес. Тој вели дека никогаш не е само за ограничувачки мерки, бидејќи нашето општество е склоно кон она што е забрането. Неопходно е да се комбинира едукацијата, подигнување на свеста преку медиумите...
- Проблемот е во тоа што со ова се занимавам само јас, а гледајќи колкав е проблемот во Мостар треба да бидеме барем триесетина, во Тузла исто така, во Сараево педесет... А посебна тема е што никој не сака да се занимава со ова, а главна причина е што тоа не се плаќа.. се е волонтерски. Лекувањето коцкарска зависност е долготраен процес, често многу фрустрирачки, исходот е неизвесен, и треба да се биде многу мотивиран, бидејќи не се плаќа. Ако тука има пари, ќе има и повеќе од оние кои ќе се занимаваат со оваа проблематика, изјавува психологот Ромиќ.
И покрај сложеноста на проблемот што го третира, никој не го финансира мостарски КЛОК. Корисниците плаќаат месечна членарина од 20 КМ и користат простории на манастир. Градот Мостар и покрај бројните барања, не додели еден од градските простори на користење.