Поранешниот генерален директор за проширување на Европската Комисија, Пјер Мирел, во интервју за МИА објаснува дека Македонија требаше да биде одвоена од Албанија за доделувањето датум за старт на преговори и вели дека жали поради одлуката на Франција да го одложи овој процес. Тој изрази голема загриженост поради изјавите за поделба на Косово и предупредува дека такво сценарио носи безбедносни ризици и за Македонија и за регионот.

Господине Мирел, најавите за можна поделба на Косово се сѐ почести во регионот, но освен германската канцеларка не слушнавме ниту едно категорично противење од меѓународната заедница. А, Европската Комисија порача дека договорот за Косово ќе се заснова на тоа што ќе го договорат двете страни. Како гледате на сево ова?

-Да, ме изненади реакцијата на ЕК. Имаше цврста реакција на госпоѓата Меркел, но сѐ уште не од Европската Комисија. И тоа е дотолку позачудувачки што, кога почнаа преговорите за договор за Косово многу одамна во Рамбује, па планот Ахтисари итн, имаше Контактна Група. Во неа имаше претставник на САД, на Русија и на ЕК, и оваа група секогаш, секогаш многу цврсто беше против поделба на Косово. Тој принцип беше одреден од самиот почеток. И многу е јасно зошто. Поради ризикот од ескалација. Веднаш се помислува на Република Српска, но и албанската заедница во Македонија, па хрватските кантони во Босна кои би можеле да речат дека сакаат со Хрватска. Но, ова оди и подалеку: Унгарците во Словачка, можеме да замислиме дека и Русија во Транснистрија би го земале ова за пример. Другата работа што многу ме изненадува е тоа што до скоро лидерите на Косово, вклучително и Хашим Тачи беа против поделба. И за Србија, ако Северот се отцепи и се припои кон Србија, што е со другите Срби кои живеат на Косово? Така што разбирлива е реакцијата на Сава Јаниќ од Дечани, и за манастирите и за Србите јужно од Ибар... Сево ова е многу изненадувачки. Тачи вели “сакам само мала корекција“, нема мали корекции во оваа област, тоа е невозможно. Ако допрете еден елемент, сите други можат да следат. Така што ова е екстремно ризично. Она што уште повеќе ми пречи и ме плаши е претпоставката дека Вашингтон има слух за Србија, но и во Москва. Во Вашингтон со “големите мислители“ како Банон кои проповедаат екстремно десничарски ставови, знаете... а за Москва ова е благослов! Не е ова старата Русија од Рамбује и Контакт Групата, така што се плашам, се надевам дека грешам, но се плашам дека идејата оди напред во САД и Русија. Посебно што Дачиќ беше скоро во Вашингтон, се сретна со зетот на Трамп и изјави дека сите карти се на маса. Вучиќ до скоро никогаш не зборуваше за ова.

Е сега, можеби има уште едно објаснување, а тоа е дека Вучиќ, преку ова, сака да ја притисне Приштина за создавањето на Заедницата на општини, но ако е тоа, тактиката не е добра затоа што се отвора идејата со сите ризици што ги носи.

Како поранешен генерален директор за проширувањето кон Балканот, како треба или требаше според вас да реагира ЕК во оваа ситуација? И што значи оваа реакција?

-Мислам дека треба да има многу цврста реакција, не само за да се каже дека е исклучена поделбата, туку и да се потсети дека секогаш била исклучена. Потоа треба да се каже кои се ризиците и зошто. Треба да се зборува.

Мислите ли дека може да е преговарачка тактика пред септемвриска рунда на Дијалогот Белград-Приштина и дека всушност двете страни се многу блиску до договор, што би ја објаснило умерената реакција на ЕК?

-Да, може да е тактика да се каже најлесно би било да се подели, но не е возможно поради ризиците, така што драги српски граѓани ќе треба да ја прифатите оваа алтернатива, да возможно е. Што би ја објаснило тивката реакција на Европската Комисија.

Доколку е реална опцијата за поделба, постои ли ризик за Македонија или тоа е повеќе заплашување?

-Постои ризик, да. Ако ова не е преговарачка тактика и ако е реална, а референдумот за името во Македонија не помине, апсолутно има ризик. Албанците во Македонија би можеле да си речат дека не им е место во таа земја. Во секој случај ќе се охрабри идејата за прецртување на границите.

Како гледате на ситуацијата во Србија моментално и посебно владеењето на Вучиќ?

-Како што неодамна напишав, преземајќи ја формулацијата на одредени невладини организации, можеби се дава премногу важност на стабилноста, на штета на демократијата и тоа е чувството на многумина во Србија. Но, знаете, ситуацијата во Косово не е многу брилјантна. Политичкиот систем е во целосен распад.

Доколку референдумот е позитивен, доколку започнат преговорите со ЕУ вгодина и со оглед на тоа што Македонија го има веќе направено реформски со години, може да има забрзување кое ќе ја донесе Македонија пред Србија. Но тука има клучно прашање: дали ЕК во наредните години целосно ќе го спроведе принципот поставен во 2011, односно “новиот пристап“, а тоа значи не само реформите за правната држава туку и нивната имплементација, трак рекорд како што велиме, ефикасно спроведување на терен. Тоа веќе се наоѓа во акциските планови 23 и 24 за Црна Гора и Србија, но извештаите покажуваат дека не е тоа тоа. Последните извештаи и за Црна Гора и за Србија тоа го покажаа. И ова е клучна точка: ако ЕК се држи до овој принцип, тогаш може да имаме изненадувања во брзината и напредокот во процесот, затоа што може да треба многу повеќе време од што е предвидено. Затоа што не станува збор само за усвојување закони, туку и нивно спроведување на терен. Тоа е “новиот пристап“, и беше потсетен во стратегијата на ЕК во февруари, се надевам дека ЕК ќе се држи до него.

Како ја оценувате одлуката на Франција да блокира старт на преговори за Македонија и Албанија оваа година?

-Како што веќе пишував правам дистинкција помеѓу двете земји. Албанија, за која всушност не е толку страшно да се одложи за една година, каде процесот на “ветинг“ е сѐ уште во тек и не е голем проблем, а за Еди Рама не беше тешко. Правам разлика со Македонија, за која за да се помогнат шансите за референдумот ќе беше совесно да се отворат преговорите и жалам што Франција зазема таква позиција. Макрон вели дека треба внатрешни реформи, да тоа добро го знаеме, но реформите можат да се прават паралелно со пристапните преговори. Едното не мора да му претходи на другото, посебно што знаеме дека тие преговори ќе траат. Мислам дека пред сѐ ова беше направено поради екстремната десница и европските избори вгодина.

Ќе беше полесно за Франција да прифати старт на преговори со Македонија, ако не беше во пакет со Албанија?

-Најверојатно, да

Зошто Европската Комисија ги стави овие земји во пакет?

-Има можеби и еден друг елемент, а тоа е дека кај албанските заедници се слуша идејата дека “европскиот клуб“ е клуб на христијани, било да се католици или православни. Јас секогаш сум барал да не се заборави Албанија. Ако Албанија се “закачи“ на исто ниво со другите земји, им се одземаат аргументите на оние кои велат дека затоа што се Муслимани нема место за нив во ЕУ, така што можеби и тој елемент постои во пристапот на ЕК.

Има ли ризик повторно да се блокира почетокот на преговори со Македонија вгодина, посебно ако се засилат популистичките партии во Европарламентот?

-Не. Не верувам воопшто во такво нешто. Австрија силно поддржува влез на балканските земји во ЕУ, Италија секогаш била за и дури со новите власти во Италија, Полска, Унгарија сите се за, не гледам ризик од таа страна.

Ни од Франција? Макрон не е голем фан на проширувањето...

-Не мислам така. Тој сфати дека ако погледнете наназад на претходното проширување, тоа беше “приказна без зборови“. Многу е добро што се случи и јас сум силен поддржувач на тоа проширување во кое тесно учествував. Беше приказна без зборови затоа што не се разговараше вистински за тоа во Франција. Имаше две дебати на планерна седница во францускиот Парламент. Две дебати! Помеѓу 1997 и 2004, па тоа не е возможно. Така што мислам дека тоа повеќе се должи на овој феномен отколку нешто друго. А другиот елемент во главата на Макрон, а тоа е ризикот дека со зголемувањето на бројот на земји, се зголемуваат можностите за блокирање на потребните реформи во ЕУ и оттука идејата дека треба да се зацврсти Унијата пред да се прошири, вклучително и преку почесто користење на мнозинското одлучување наместо консензусот во одредени области. ЕК ќе ги даде своите предлози за ова в октомври.

Тања Милевска