Професор д-р Родна Величковска е вработена во Институтот за фоклор „Марко Цепенков“ во Скопје, таа е редовен професор на Музичката академија при Универзитетот „Гоце Делчев“-Штип, а повеќе години е предавач на Семинарот за традиционална музика и игра што се одржува на фестивалот „Илинденски денови“ во Битола.
Во интервју за МИА, Величковска говори за состојбите во фолклорните групи и ансамбли во Македонија, за одекот на македонскиот фолклор во светот, како и за заштитата на познатото македонско „Гласоечко пеење“ во УНЕСКО.
Меѓународниот семинар за традиционална музика и игра годинава одбележа јубилеј, 10 години континуирано одржување. Каква е врската меѓу Семинарот и Фестивалот „Илинденски денови“ со Институтот за фолклор „Марко Цепенков“- Скопје?
-Врската и соработката е трајна и цврста, а јас лично директно се вклучив пред 37 години. Во Институтот се вработив како мелограф, а точно пред 37 години имав задача да го следам фестивалот во Битола и да истражувам. Бев фасцинирана од тоа што се случува на фестивалот и посебно од тогашната презентација на Русалиите кои секоја година учествуваат на отворањето на фестивалот. Со вработувањето во Институтот, кај мене се отвори исконското, тоа што во себе го чувствувам и носам од детството. Првиот „допир“ со Фестивалот од пред скоро четири децении и денес за мене е инспиративен затоа што учиме од изворите, од корените на традицијата и се трудиме да се одржи автентичноста без никакви промени. Ова е важно затоа што современите медиуми даваат нова слика која може негативно да влијае и затоа ние им посочуваме на презентерите што поавтентично да се претстават на фестивалската сцена.
Каква е состојбата со фолклорните групи и ансамбли во Македонија и дали може да се зборува за рамномерен развој?
- Во Македонија имаме региони во кои има жива традиција и затоа се обидуваме групите од тие места да ги донесеме на сцена. Да ги видат. Имав успешен пример на фестивалот во Долнени кога донесов една мала група Лазарки од кривопаланечкиот крај која е жива традиција, која негува фолклор на тамошните села од кога постојат, па се до ден денес. Жива традиција на која секогаш треба да се гледа со воодушевување, а кон која ако се додаде науката, тогаш вредностите би биле уште поголеми.
Пред неколку години се возобнови работата на некои културно уметнички друштва во тетовско-гостиварскиот регион, но, за жал имаме региони во кои исчезнала или не се негува фолклорната традиција, а такви се валандовскиот регион, гевгелискиот регион, прилепскиот регион...Тоа мора да се подобри. Ние имаме обврска да ги вратиме на фестивалската сцена бидејќи сцената е моментот каде што навистина може да се презентира фолклорното богатство, а во истовреме да се сочува и ревитализира тоа што се има како традиција. Тоа е важно затоа што дел од регионите во Македонија ја запоставиле фолклорната традиција и ние мора да ги вратиме на терен. Изворниот фолклор може и треба да се презентира на фестивалите низ републиката бидејќи само таму може да се види исконското, изворното но и современиот македонски израз како што тоа е староградската традиција која се повеќе се враќа на сцената.
Вие бевте дел од стручниот тим кој придонесе и успеа во 2014 година македонското оро „Копачка“ да биде заштитено на репрезентативната листа за нематеријално културно наследство во УНЕСКО, а во 2015 година и познатото „Гласоечко пеење“. Што значи тоа за македонскиот фолклор?
- Јавноста знае дека успеавме со орото „Копачка“ и тоа е заштитено на репрезентативната листа за нематеријално богатство. Мојот придонес во сеопфатниот процес беше во делот за валоризација на кулурното добро. Бев многу среќна исто толку колку и со постигнатиот успех што се случи во 2015 година кога нашето „Гласоечко пеење“ беше и е поставено на ургентната листа за нематеријално културно наследство во УНЕСКО. Ваквата одлука, која не е доволно позната за јавноста е донесена затоа што „Гласоечко пеење“ е живо и се чувствува дека е загрозено како културно добро. Да потсетам, гласоечкото пеење (така е евидентирано во УНЕСКО) или машкото повеќегласно пеење е од долнополошкиот регион, претставува голем раритет и е живо затоа што го има на терен. А, кога се зборува за состојбите на терен, тогаш сметам дека треба да се зголеми бројот на теренски истражувања, а тоа пак е можно доколку повеќе се вложува во оваа стручно-научна активност.
Што значи членувањето на фестивалот „Илинденски денови“ во светската организација ЦИОФФ?
- Фестивалот на народни песни и игри „Илинденски денови“ од оваа година е член на светската организација на фолклорни фестивали ЦИОФФ, и е единствен од Македонија во светското семејство. Добро е што тоа се случи бидејќи имаме можност да учиме и проучуваме народни традиции од други држави. Но, нашата е најдобра бидејќи според моите сознанија на нашиот македонски фестивал истовремено се презентираат народни носии, обреди, пеење, играње и свирење. Тоа го нема на другите фестивали и тие повеќе се специјализирани на одредени сегменти. Во секој случај членувањето во светското семејство на фестивали е голема предност и можност да се биде заедно со другите и тоа е исклучителност која треба да се сфати како вистинска можност за презентација на исконското, традициите и се што е бренд на нашиот фестивал.
Светот кај нас, а какви се одеците за македонскиот фолклор во Светот?
- Одговорот на ова прашање ќе го поткрепам со личен пример. Пред неколку години бев поканета на еден симпозиум во Москва. Зборував за македонскиот фолкор, за народното пеење, за истражувањата на терен. Присутните беа воодушевени, но веднаш пристигна нова покана за промоција на македонската фолклорна традиција и заедно со тогаш мојот студент Стојанче Костов одржав мастер клас во Санкт Петербург претставувајќи го Пијанечкиот регион. Годинава на истиот голем собир заедно со студентката Тијана Јаневска игравме ора од Овче Поле, пеевме македонски песни и носевме народни носии. Студентката имаше носија од Сува Гора, а јас носев 100 години стара зачувана облека од Скопска Блатија.
За македонското оро и песна се зборува на сите страни на светот, а најдобрата потврда ја видовме и деновиве на фестивалот на народни песни и игри „Илинденски денови“ кога господинот Џон Хуо, кој живее и работи во Чикаго, заедно со својата фолклорна група играа македонски ора и ја испеаја познатата „Битола мој роден крај“, која Хуо ја нучил во 1970 година, потврди Величковска.
Марјан Танушевски