Дејноста на Агенцијата за млади и спорт да се раздвои и нејзина главна задача да биде работата со младите, а за спортот да се формира посебно Министерство.

Таква е инцијативата на младите од Кочани изнесена на форумот „Младински перспективи за локален развој“ што заеднички го организираа Општина Кочани и германската фондација „Фридрих Еберт“.

- Младинските политики се комплексна задача и во сегашни услови Агенцијата за млади и спорт не може соодветно да одговори на поставените цели, поради што сметаме дека овие две дејности треба да се разграничат. Факт е дека нејзината работа повеќе е концентрирана во областа на спортот, поради што наш впечаток е оти ангажманот кон младите е запоставен, истакна Венко Крстевски, младински активист.

Од Националниот младински совет дадоа поддршка на иницијативата, при што таа беше надополнета со ставот дека наместо спортот, приоритет треба да добијат токму младите.

- Подобро би било во Македонија да се оформи Министерство за млади со посебен буџет, затоа што евидентно е дека Агенцијата за млади и спорт повеќе е агенција за спорт и за здруженијата кои функционираат во таа област, отколку за младите. Начелно, од таму годинава рекоа дека ги поддржуваат младинските организации, но факт е дека тие не добиваат никаква финансиска поддршка од институциите во државата, освен од неколку кои што имале отворени конкурси за финансирање на одредени проекти поврзани со младите, истакна Ивона Крстевска, генерален секретар на Националниот младински совет на Македонија.

Од Агенцијата за млади и спорт е искажана волја за проширување на соработката, за што со Националниот младински совет веќе е потпишан меморандум за соработка.

Заклучок од форумот што се одржа во Кочани е дека треба многу да се работи за унапредување на сегашната состојба со младите, а иницијативата за трансформирање на Агенцијата да се проследи до соодветните органи на власта.