Германската амбасада, општина Гази Баба и Кризниот центар за семејно насилство „Надеж” денеска потпишаа Договор за соработка.
Од општината информираа дека со овој договор се поддржува работата на Центарот за жени, кој се наоѓа во Автокоманда, општина Гази Баба, ќе биде набавена нова опрема за нивните потреби, бидејќи веќе постоечката била уништена од поплави кои постојано го зафаќале овој кризен центар, а ќе бидат поставени и нови врати на просториите. Трошоците ќе бидат покриени од страна на Германската амбасада.
Амбасадорот Томас Герберих изразил задоволство што ќе може да помогне во подобрувањето на условите на единствениот центар за жени во цела Македонија и посочил дека и во иднина ќе ги поддржува проектите кои се однесуваат на заштитата од семејно насилство.
Градоначалникот на Гази Баба, Борис Георгиевски му се заблагодарил на Герберих што препознал каде е потребно да се помогне, особено за центар кој се занимава со проблемите на една од најранливите категории на луѓе во земјава. Георгиевски посочил дека за да се намали бројот на жртви на семејно насилство потребно е сите релевантни институции да се вклучат и заеднички да делуваат. Тој најавил дека општина Гази Баба во наредниот период ќе понуди земјиште за изградба на „сигурна куќа”, која ќе води целосна грижа за жртвите од семејно насилство.
Од Кризниот центар „Надеж” изразиле задоволство што ќе имаат можност да добијат целосно нова опрема за непречено да си ја вршат функцијата. Посочиле дека според резултатите со кои располагаат, има подобрување во законот кој ја третира оваа област, но сепак дека на терен жртвите се уште се плашат да пријават дека се малтретирани, бидејќи немаат доверба во системот.