Диви свињи го уништија овогодишниот род од тикви и пченка на земјоделците од Лакавичкиот Регион кај Штип, јави Телевизија Стар. Најпогодени се нивите на мештаните од селото Лакавица.
За само две ноќи изедени ми се два тона од родот на пченка и тикви.
– Стражарев до 22 часот, но морав да се повлечам, бидејќи ми е страв од нив. Можат да нападнат и човек кога се гладни – изјави за ТВ Стар оштетениот Митре Младенов, земјоделец од Лакавица.
Засега оштетените немаат решение за заштита на родот. Ноќните стражи не дале резултат. Дивите свињи и понатаму продолжуваат со уништувањето.
– Ова не е првпат. Оваа пролет имав нива со марула. До корен изедоа сѐ. На соседот до мојата нива, дивите свињи оваа недела комплетно му ја уништија нивата со пченка од два декари. Страшно е и опасно – дополнува Младенов.
Единствено можно решение е предвремената берба, велат земјоделците. Друг начин не гледаат во одбрана од гладните диви животни. Бербата на тиквата е кон средината на септември.
– Поради зачестените напади на дивите свињи, мораме вака да се заштитиме. Еве, месец дена порано сме на берба на тиквата – објасни Доне Младенов, земјоделец од Лакавица.
Оштетените упатуваат апел за помош до надлежните од ресорното министерство, до ловечките друштва, Општината и концесионерите на ловиштата.
– Под итно надлежните да преземат мерки и да ни го заштитат родот, инаку тикви пченка и зеленчук, ќе нема оваа година. Овој апел за спас се однесува до ресорното министерство, ловечките друштва од регионот и ловиштата на Серта. Лесно е да убиеме дива свиња, но, казната за тоа, бидејки е дивеч под законска заштита изнесува 5.000 евра од убиена единка – вели Младенов.
Стадото диви свињи што се состои од најмалку 40 до 50 единки продолжува со својот уништувачки поход на нивите во Лакавичко.
Освен гладните диви свињи, од пред неколку години овој регион беше нападнат и од големи роеви од марокански скакулци, уништувајќи повеќе хектари пченица.
Извор: Слободен печат