Албанската министерска за одбрана, Олта Џачка, денеска ги обвини локалните власти за негрижа и индиферентност кон жителите од подрачјето на околијата Пешкопеја кои беа најзасегнати од земјотресот, кој го погоди подрачјето на 11 овој месец.

Таа престојуваше во селата Вињол и Дукаѓин, каде повеќе од дваесет семејства поради оштетените домови се сместени во шатори подигнати од албанската војска. Под шатори се уште толку семејства во други делови на ова подрачје.

- Дирекцијата за заштита и спасување и албанската армија пружија итна помош уште во првите моменти. Локалната самоуправа е индиферентна кон жителите кои се најдоа во потреба. Работата на општината за проценка на штетите не се одвива според потребната динамика, изјави Џачка, која по повод празникот Курбан Бајрам им достави и пакети со храна.

Од земјотресот со јачина од 5,1 степен според Рихтер, со епицентар во близина на пограничното албанско рударско гратче Булќиза, оштетени се повеќе од 300 куќи, од кои над четириесет не се за живеење.

Инаку, во ова подрачје и денеска се почувствувани два земјотреса со послаба јачина, а од 11 август регистрирани се над 50 потреси со јачина од 1,7 до 3,5 степени.