Исмаил Ѓул и Демир Алиев се двајца другари, родени во делчевски Стар Истевник, а живеат во Истанбул, Турција. Летово, поточно првите две недели од август, двајцата турски државјани со македонски корени, дојдоа во посета на родниот крај. Да се видат со другарите кои се уште се тука, да се потсетат на минатите времиња и да запеат песни кои сами ги измислиле, а одлично ги пеат на македонски јазик. Со делчевскиот професор Илија Тодоровски случајно ги затекнавме пред градската слаткарница. Разговараа на повеќе теми, а од нивниот разговор дознавме нешто повеќе за нивната посета на родниот крај. Овде, како што вели Исмаил, се чувствуваат свои на своето. По преселбата од Стар Истевник во Истанбул, Исмаил започнал со работа во фабрика за пескарење, потоа бил таксист, за да на крајот са успее, како што вели, да влезе во полицијата и да ги доживее пензионерските денови кои ова лето ги троши во Делчево. - Се сеќавам во далечната 1961 година од Стар Истевник заминавме во Стамбол. Тогаш заминаа многу луѓе одовде. Ние и уште неколку семејства заминавме за Истанбул. Во Истанбул бргу се снајдов и започнав со работа во фабрика за пескарење, потоа работев и како автомеханичар. Не се плашев од работата. Како ќе имаше потреба ја менував професијата, така што бев и таксист, па возев комбиња за превоз на патници, за на крај да успеам да се вработам во полицијата од каде подоцна заминав во пензија. Оваа година со мојот другар Демир решивме дел од пензионерските денови да ги поминеме во местото каде сме родени, во Стар Истевник и Делчево. Тука се сретнав со старите другари што ми е посебно мило, вели Ѓул. Потсетувајки се на моментите како се живеело порано, Ѓул ни раскажа за незаборавните моменти и случки, од одењето на пазар во Делчево, до селската идила која во тоа време била крактеристична со тоа што луѓето си помагале едни на други. - Се сеќавам на времето како деца од Стар Истевник доаѓавме на пазар во Делчево. Ќе ви раскажам една случка што ми останала во сеќавање. Еднаш така кога бев мал, доаѓајки на пазар во Делчево, реката Брегалница беше преполна со вода, од крај до крај. Паметам имаше натпревар на стадионот, каде играа Брегалница Делчево и Вардар. На звучници во градот имаше пренос и така јас дете слушам како коментаторот вели: „Брегалница ја префрли топката преку Вардар“, а потоа „Вардар ја префрли топката преку Брегалница“. Јас гледајки колку е Брегалница голема и далеку си помислив: Како бе сега Брегалница ја префрли топката преку Вардар, Вардар е поголем сега, а па како Вардар ја префрли Брегалница!! Дете сум бил и не знаев во тој момент дека тоа е кажано во фудбалски жаргон. Инаку она на што исто така се сеќавам е дека кога бевме деца селата беа полни, а сега нема народ, не останал никој. Во тоа време немаше празна нива, стоката која од четири месеци одеше во гората, не можеше да слезе во полето, додека се не се собере од нивата. А на нивите се садеше пченица, пченка, грав. На местото викано „Желевица“ имавме место под вода, таму садевме грав и царевка. По планината најмногу се садеше р'ж. Во тоа време имавме многу стока, чувавме овци, немавме многу сметка, но егзистиравме некако. Ми остана во сеќавање дека луѓето особено околу стоката многу си помагаа. На пример кога ќе имаше собор во едно село, селаните од другото село ја чуваа стоката. Тогаш бевме многу сложни и живеевме многу добро, секогаш си бевме заедно. Исто така варевме ракија, се што ќе соберевме од полето грав, ракија и друго ќе однесевме на пазар, па ќе си купевме облека и шеќер. Така беше во тоа време, си приспомнува Исмаил. Исмаил Ѓул е голем љубител на македонската песна. Самиот лично има напишано неколку текстови на македонски јазик, преточени во македонски народни песни. -Има многу наши песни, јас таму кога отидов првиот пат, не знаев турски и си пеев на македонски. А сега сите песни што се пеат, ги знам речиси сите. Сега песните не се како порано, малку се новокомпонирани, но тогашните ми останале во сеќавање. Од тие што ги паметам се песните „Крај вардарот седиш“, „Битола мој роден крај“ и многу други. Еве сега ќе ви прочитам текст за една песна која сам ја напишав: Нашето село, село големо, во сред селото, чудо големо. Сите селани се собраа, голема свадба ќе ни прават. Тапаните тупаат, свирачи свират, селани јадат, пијат играат. Невестата е Митка Митрашинска Митка Митрашинска, мома Македонка. Зетот им е Митко Малешевски, Митко Малешевски, момче Македонче. Инаку, таму на телевизија ме викаат оти знам многу нови песни, додава за крај на разговорот Ѓул. Нешто помалку зборлив беше и поштарот Демир Алиев. И тој како другар му Ѓул пред шеесетина години од Стар Истевник со родителите заминал за Истанбул. Тој направи мала паралела на тогашното време и на животот сега. Вели дека кој како ќе си ја подреди работата, така и ќе живее. И тука и таму во Истанбул. - Ние од 1958 сме преселени од Стар Истевник во Истанбул. Во Турција бев вработен во пошта и така стигнав до пензија. Сега дојдовме таму кај што сме родени, да го видиме родниот крај. Од времето пред 60 години се сеќавам најмногу на училишното време, кога заедно со другарот Исмаил и останатите од селото учевме прво основно, а потоа една година средно училиште во село Тработивиште. Инаку во однос на животот и работата моето мото е кој како ќе си ја подреди работата и тука и таму така и ќе си живее. На пример еве нашата пензија во Турција изнесува некаде 500 евра и може да се живее добро и еве со дел од неа шетаме во родниот крај. Што се однесува до градот Делчево, јас кога бев дете од Истевник до Делчево имам дојдено само еднаш, паметам тогаш јадевме сладолед. Друго што ми останало во сеќавање се другарите, тоа што можеме се уште да се видиме со некој од нив, тоа за нас претставува век, вели Демир Алиев. Сложните другари Исмаил и Демир веќе две недели се во Делчево, како што велат другарите со кои поминуваат најголем дел од времето многу добро ги пречекале. За празникот Св.Илија, биле специјални гости во Стар Истевник. Таму домаќините не ја пропуштиле можноста да ги понудат некогашните соселани од вкусниот црковен ручек. Ваквите приказни не се реткост во делчевскиот крај. Ѓул и Алиев се само едни од неколкуте Турци, кои со семејствата пред 60 и повеќе години заминале во Турција. Како што кажаа и самите најголем дел од населението кое од Пијанец се иселило во Турција живее во Измир, додека мал дел и во останатите блиски градови на некогашниот Стамбол. Македонија и македонскиот јазик како што велат нема да го заборават дур се живи исто како и убавите моменти кои во изминатите две недели ги поминаа во Делчево. Валери Спасовски