Прилеп ќе го добие првиот дневен центар за деца со церебрална парализа кон средината на септември, соопшти денеска градоначалникот Илија Јованоски на средба со Здружението на родители на деца заболени од церебрална парализа.

Работите за отворање на центарот се во завршна фаза.

- Доколку се тече според планираното, дневниот центар за лица со церебрална парализа ќе биде отворен за петнаесетина денови. Распишан е и огласот за вработување шест стручни лица: социолог, дефектолог, педагог, физиотерапевт, медицинска сестра и возач кој со специјално возило ќе ги превезува лицата со церебрална парализа од нивните домови до дневниот центар и назад, рече Јованоски.

Дневниот центар ќе има капацитет за згрижување 30 корисници, но ако има потреба, Општина Прилеп ќе го прошири за ниту едно лице со церебрална парализа да не остане незгрижено.

Јованоски смета дека главниот проблем со кој во моментов се соочува Општината, е непостоењето точна бројка на лицата со церебрална парализа, а со таков податок не располагаат ниту Здружението на родители на деца заболени од церебрална парализа, ниту Меѓуопштинскиот центар за социјална работа во Прилеп. Сепак, наредните денови, до отворањето на дневниот центар, уверува дека и овој проблем ќе биде надминат.

На денешната средба присуствува и членови на Центарот за поддршка на лицата со интелектуална попреченост „Порака“, на кои Општината на користење им додели простории во старата општинска зграда. Од „Порака“ ја истакнаа потребата од ангажирање две лица, кои би работеле со корисниците на социјалниот клуб.

- Доколку во општинскиот буџет за тековната година постојат средства за таа намена, од први октомври Прилеп ќе вработи две стручни лица. Во спротивно, вработувања ќе има во почетокот на идната, 2019 година, истакна Јованоски.