Привршуваат подготовките за Пијанечко-малешевската свадба, манифестација којашто на почетокот на септември по 12 пат ќе се одржи во Делчево.

Првите активности почнуваат кон крајот на август, а новитет е што сите истражувања за свадбените обичаи во Пијанечко-малешевскиот регион ќе можат да се видат на летната сцена во Градскиот парк во Делчево.

- Ние 12-та година по ред вршиме истражување на свадбените обичаи. Секогаш истражуваме нешто ново, а бидејќи свадбата е бренд на овој крај, годинава сите посетители кои ги очекуваме во бројка од над 3000, ќе можат обичаите да ги видат со сценска изведба на летната сцена во Делчево. Активностите за свадбата почнуваат за време на празникот Богородица и ќе траат до 7 септември, изјави Зенил Реџепов, кореограф на КУД „Гоце Делчев“ кој е и главен имплементатор на манифестацијата.

Во предвечерието на манифестацијата ќе се одржи и 42 издание на Меѓународниот фолклорен фестиовал на кој ќе учествуваат 15 домашни и пет фолклорни групи од странство.

Младоженци на 12. издание на Пијанечко-малешевската свадба, која ќе се одржи на 8 септември, се Моника Параскова од Пехчево и Иле Гоцевски од Штип, кој по потекло е од пехчевското село Панчарево.