Барањето на компанијата ИГМ трејд за промена од Г2 во Г1 индустрија, беше тема на средбата што ја имаа премиерот Зоран Заев и вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев во Кавадарци со општинските советници, претставници на ИГМ трејд, регионална стопанска комора и повеќе граѓански и еколошки организации.

Средбата се одржа на барање на општината, и како што истакна Јанчев, во интерес на транспарентноста и на економијата.

- Општината може да опструира или не, но треба да има аргументи и став, рече Јанчев, нарекувајќи ја инвестицијата од државно стратешко ниво.

Заев нагласи дека нема поголем приоритет од здравјето, но се осврна и на значењето на економијата во севкупниот живот.

- Немам намера како премиер да влијаам врз локалната самоуправа. Таа е посебна власт, нагласи тој.

Тој додаде дека секоја инвестиција е добредојдена. Претставник на индиска компанија бил во Владата и ја соопштил намерата за инвестиција заедно со кавадаречката компанија. Инвестицијата во проектот за ладна валалница со модерна технологија е поголема од шеесет милиони евра. Премиерот се осврна и на процедурата која мора да се запази во ваква ситуација.

Според него, станува збор за незагадувачка индустрија.

Во салата на општинската зграда, продолжуваат дискусиите на оваа тема.