Младите во Кочани и понатаму остануваат без Локален младински совет, откако третпат пропадна иницијативата за негово формирање.

Со тоа најверојатно ќе биде пропуштен рокот до крајот на годината ова тело да започне да фунционира. Недоволниот интерес кај здруженијата кои опфаќаат млади да учествуваат во конституирањето и работата на Советот, е една од причините за неуспешните обиди за негово заживување.

Од Националниот младински совет велат дека Кочани не е единствен пример во државата каде поради слабата иницијативност меѓу младите локалните совети не постојат, а за што голема улога има и политиката.

- Неуспешни се иницијативите со локалните младински совети во повеќе општини, а главна причина е политичкото влијание и афинитетите што ги имаат одредени партиски структури, пред се од владејачките, без разлика кој ја има власта. Младинските совети треба да имаат претставници од различни здруженија што опфаќаат млади, па дури и членови од партиските подмладоци, но да има еднаква репрезентативност без да доминира одредена страна. Поради тоа потребно е да се работи на зајакнување на капацитетите во однос на знаењата за правата на младите, за да можат младинските совети вистински да ги застапуваат интересите на нивните членови, истакна Ивона Крстевска, генерален секретар на Националниот младински совет.

Иницијативата за формирање Локален младински совет во Кочани за првпат беше промовирана уште пред четири години, по што следуваа уште два обида што останаа без успех.

Од локалната самоуправа наведуваат дека даваат целосна поддршка за заживување на советот заради што се направени и соодветни измени во Статутот на општината, но оти е неопходно младите да покажат поголема активност и сами да учествуваат во конституирањето на ова тело.