Германската канцеларка Ангела Меркел изјави днеска во Берлин дека е забележан напредок на хрватската полиција за време на мигрантската криза, што би можело да биде од големо значење за влез на земјата во Шенген зоната.

На заедничка прес-конференција со хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ, таа истакна „желбата на Хрватска за влез во Шенген зоната е природна, но постапката е јасна“.

- Делувањето на хрватската полиција на надворешните граници на ЕУ е доказ дека Хрватска постигнала напредок. Таа врши одлична работа за заштита на границите, истакна Меркел.

Пленковиќ во текот на разговорите со Меркел предложил план за унапредување на економските односи меѓу двете земји, кој е составен од десет точки, а главна цел е подобрување на соработката со Германија, која е еден од најголемите инвеститори во Хрватска.