Новинарката Даниела Трпчевска, чија вест беше првата што МИА ја објави на 30 септември 1998 година, во интервју по повод 20 години од работењето на агенцијата се осврна на случувањата „некогаш и денес“.

Пред 20 години бевте дел од првата новинарска екипа на МИА. Какво е Вашето сеќавање за почетоците на Агенцијата и нејзиното работење?

„Едно лице почина, 17 се повредени во земјотресот во Србија“ – ова е првата вест која што Македонската информативна агенција (МИА) ја емитуваше на 30 септември 1998 година, со што почна редовната продукција на информации до корисниците. Иако се навршуваат точно 20 години откако јас ја имав честа да ја објавам токму првата вест и со тоа официјално да започне работата на новоформираната државна агенција, се сеќавам на тој момент како да беше вчера.

МИА стартуваше со мала, но одбрана екипа на млади новинари кои изминативме 20 години дадоа значаен придонес и во работата на агенцијата, но и во другите медиуми во кои што ја искалија новинарската професија.

Дваесет години потоа можам слободно да кажам дека тие десетмина „мускетари“ кои тогаш храбро зачекорија во новинарските води, создадоа историја, која ќе трае и понатаму. МИА созреа изминативе години и прерасна во агенција која рамо под рамо со останататите агенции од регионот, имаат големо значење во брзото, точно и навремено информирање за клучните политички случувања во земјава и во светот.

Со какви предизвици се соочуваше МИА во текот на нејзиното „растење“?

Првите чекори се секогаш најтешки, а МИА изминативе години од самото формирање имаше бројни предизвици со кои мораше да се соочи – од кадровски, финансиски, па се до предмрежја околу спорењето кој и кога ја формирал, дури и негирање на датумот за нејзиното формирање, и одбележување на два паралелни родендени, кое што траеше со години.

Секоја политичка гарнитура која што доаѓаше на власт оставаше свој печат на работењето на агенцијата. Но, и покрај сите политички влијанија, на кои што изминативе години не беа имуни ниту останатите медиуми во земјава, таа успеа да опстои на основната цел за која што е формирана – а тоа е брзо, точно и исцрпно известување на сите случувања во земјава и во светот. МИА секојдневно „храни“ со информации десетици медиуми во земјава, но е извор од кој се црпат податоците и од страна на регионалните светските медиуми и агенции.

Можете ли да издвоите некој момент од тој период што Ви предизвикал најголема импресија или разочарување при извршување на работните задачи?

Во МИА ја поминав првата година од нејзиното работење – во еден политички драматичен момент, кога се уште беа актуелни случувањата во соседството – бомбардирањето на НАТО на Белград и превирањата на Косово. Предизвици имаше секојдневно, но перфектните услови за работа, слободата со која новинарите ја извршуваа својата работа ослободени од секаков притисок, полетот и желбата да се создаде нешто ново - изградија тим кој во агенцијата се чувствуваше како дома. На разочарувања не се сеќавам, но возбудата, адреналинот, па и стравувањето од откривањето на „Тајванската сага“, за која што МИА прва извести, сè уште ми се свежи во сеќавањето.

Од оваа временска дистанца, дали сметате дека МИА го оправда своето постоење?

Одговорот веќе го добивте – со самото тоа тоа што МИА има дневна продукција од 300 до 350 вести и други прес информации на македонски, англиски и на албански јазик, развиена дописничка мрежа во земјава и во светот, нејзини корисници се електронските и печатените медиуми во земјава, македонските амбасади во странство, странски дипломатски и други претставништва и мисии во Македонија, нејзините вести ги цитираат и пренесуваат сите влијателни медиуи во земјава и во регионот...тогаш повеќе од јасно е кое е значењето од постоењето на државната агенција.

Но, иако е полнолетна, таа сè уште пред себе има битки кои ќе треба да ги извојува. МИА мора да ја зацврсне својата релеватност, да стане медиум на кој безрезервно ќе му се верува, кој ќе информира – но не и коментира, кој иако е под финансиска капа на државата – ќе опстои на политичките влијанија и ќе биде во функција единствено на интересите на граѓаните. Само така ќе биде оправдано нејзиното постоење, растење, созревање во еден моќен информативен сервис на Балканот.

Габриела Точко