Штип се вклучи во одбележување на Светскиот ден на чистење на отпадот преку реализирање две акции. Се чистеше во старата штипска населба Ново Село и кај новата Пошта кај Градскиот стадион. Ученици, екологисти и екипи на двете јавни претпријатија „Исар“ и „Стипион“ го чистеа отпадот.
Градоначалникот на Општина Штип, Благој Бочвраски истакна дека на барање на жителите во Ново Село се чистеше просторот околу старите куќи кои што на општината ги подари кардиохиругот Жан Митрев. Најави дека овие куќи што ќе бидат реконструирани ќе прераснат во музеи.
- Сакам да ги информирам граѓаните дека општината активно работи на проектирање на овие четири куќи, кои што треба да постанат музеи и ги прибираме сите потребни документи и од Музејот и од Министерството за култура за дозволи за конзервирање и со што потоа ќе преминеме кон барање на средства од ИПА фондовите. Тоа се грантови од Европската унија од околу 800.000 евра, кои што треба да бидат доделени на Општина Штип за да може да ги изгради овие објекти, вели Бочварски.
Претседателот на Еколошкото друштво „Виножито“-Штип, Данче Калајџиеска рече дека ваквите еколошки акции треба да бидат секојдневни, а високата еколошка свест начин на живеење. Акцијата е поддржана од повеќе владини и невладини организации.