Одбележувањето на Европската недела на мобилност 2018 денеска продолжи со серија предавања за учениците од СУГС „Боро Петрушевски“ за развојот на велосипедскиот сообраќај во европските земји, за пилот проектот за намалување на урбаните топлотни острови и за безбедноста во велосипедскиот сообраќај.

Ученици и професори од СУГС „Боро Петрушевски“ денеска го посетија и Центарот за управување и контрола на сообраќајот (ЦУКС).

Во Канцеларијата на УНДП се одржаа презентации за улогата на зеленилото во урбаната средина, зелениот катастар и новите мини-паркови во градот. Денешниот ден беше збогатен и со промоција на bicycle friendly компании.

Во CO&WORK Hub на улицата „Шумадиска“ број 7А се одржа јавна дебата на тема „Подобрување на состојбата со одржливиот транспорт, а кај ТЦ Рамстор, пак, се одржа герила акција.

Во рамки на одбележувањето на Европската недела на мобилност 2018 за утре се најавени повеќе настани со акцент на одржливиот транспорт. Во периодот од 10 до 13 часот во Техничкиот кампус ќе се одржи традиционалниот саем на електрични возила со презентации на електроавтомобили и е-скутери, како и презентација на фирми што користат електрични и хибридни возила. Учесниците и посетителите на саемот ќе имаат можност да се придружат на електроконвојот што ќе се вози до Порта „Македонија“.

Во 14 часот во Салата на Советот на Град Скопје ќе почне презентацијата „Транспортот во градот и животната средина“ за проекти од областа на транспортот, и тоа: Транспорт во Скопје, реалност и предизвици; Патека кон зелен транспорт; Транспортот низ климатски очила; Возниот парк и емисиите и Одржлив нискојаглероден транспорт.

Во периодот меѓу 7:30 и 8:30 е закажано дружење со идоли и херои во автобус, со ликовите од цртаните на Дизни.

Во CO&WORK Hub на улицата „Шумадиска“ број 7А во 19 часот ќе се одржи TEDx настан на тема „Иднината на транспортот“.

Град Скопје ја реализира Европската недела на мобилност 2018 во соработка со невладините организации Македонски зелен центар, Еко свест, „Гоу грин“, „Прв до врв“ и „Смарт ап“ – лабораторија за социјални иновации. Оваа година тема на Европската недела на мобилност е „Комбинирај и движи се“, а целта е да се испрати силна порака за користење на алтернативните видови транспорт и за комбинирање на одржливите начини на превоз до саканата дестинација.