Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во интервју по повод 20-годишното работење на МИА го изрази своето задоволство од респектабилната соработка со Агенцијата во однос на правилното информирање на граѓаните.

Какво е Вашето мислење за МИА и што очекувате во натамошната соработка со Агенцијата?

Најпрвин сакам да ви го честитам јубилејот. Навистина е сериозен предизвик да опстоите 20 години во вакви услови на работење, во вакви политички и општествени промени и треба да им се оддаде признание на сите вработени во МИА за се она што го направија и за новинарството, меѓутоа и за Република Македонија.

МИА за мене е еден од најпедантните хроничари на македонската, регионалната и светската политичка сцена и генерално на сите случувања коишто ни се случија и во Македонија и во регионот, но и пошироко. Од тој аспект сметам дека можеме да говориме како за една Агенција која сите сакаат да ја користат, која што пласира информации и вести кои придонесуваат за правилно информирање на граѓаните на Република Македонија што е реткост мора да се признае во последно време и за тоа треба да му се честита на тимот што опстои на сите овие предизвици.

Дали според Вас, МИА ја оправдува довербата кај јавноста и во медиумскиот простор?

Забележувам напредок во работењето на МИА во секој поглед. Навистина секој мора да го оправда постоењето на една Агенција, која што е од државно значење, би рекол, за Република Македонија, затоа што преку една ваква Агенција како што е МИА ние како држава сме подготвени во вистински момент, во реално време да се соочиме со секаква ситуација, да одговориме на секаков предизвик, да ја информираме домашната и светската јавност за сите збиднувања во Република Македонија.

Сметате ли дека рејтингот на МИА се движи во нагорна линија и дали сте задоволни од содржините кои ги нуди, конкретно што се однесуваат на вашето ресорно Министерство?

Мислам дека рејтингот оди нагоре. Посебно сум задоволен од постигнатото, од тоа што го гледаме. Од тоа што следам во изминатата година мислам дека имате еден сериозен напредок во работењето.

Што се однесува до соработката помеѓу МИА и МВР мислам дека е на едно високо ниво, ниво кое што е респектабилно, ниво за почит, преку една заемна соработка, меѓусебно почитување пред се во делот на правилно информирање на граѓаните. Сакам во име на МВР да ви се заблагодарам како еден од партнерите на полицијата во презентацијата на јавноста, во градењето на довербата и генерално во придонесувањето во безбедноста на државата.

Со каква порака би и го честитале 20-годишниот јубилеј на Македонската информативна агенција?

Македонската информативна агенција да остане таква каква што е, да ги следи модерните трендови, да информира објективно и во Македонија и надвор, да ја јакне новинарската професија и МИА да остане навистина пример какво треба да биде новинарството во Република Македонија. Посакувам уште еднаш голем напредок и уште многу јубилеи за МИА.

Габриела Точко