Државниот завод за индустриска сопственост - годинава слави 25 години од основањето. По тој повод, организираат низа активности што се реализираат во повеќе градови низ државата, за промоција на правата од индустриска сопственост на пошироката јавност, како и на малите и средни претпријатија.

Во рамки на одележувањето на 25-годишнината овој месец организирате кампања „Месец на индустриска сопственост“. Карванот помина во Штип, Струмица, Битола, Охрид, Струга, Тетово и завршувате во Скопје. Каков беше интересот и колку е запозната бизнис заедницата со правата од индустриска сопственост?

Во рамки на карванот вработените на Заводот имаа состаноци со раководни лица на општините проследено со мини семинари за бизнис заедницата. На тие семинари претставниците на бизнис заедницата се запознаа со важноста и придобивките од заштитата и спроведувањето на правата од индустриска сопственост.

Во истите градови истовремено имавме поставено и штандови на најфреквентните локации каде се делеа промотивни материјали и вработените на Заводот одговараа на прашањата на заинтересираните граѓани.

Можам слободно да кажам дека сум задоволен од покажаниот интерес.

ДЗИС и понатаму има во план спроведување слични кампањи и активности се со цел запознавање на пошироката јавност и на малите и средни претпријатија со важноста и придобивките од заштитата и спроведувањето на правата од индустриска сопственост.

По повод 25-годишнината на 18 октомври ќе организираме и меѓународна конференција на тема „Трансфер на технологија“. Конференцијата се организира во соработка со Заедничкиот истражувачки центар на Европската комисија. На конференцијата презентации ќе имаат експерти од Светската организација за интелектуална сопственост, Европската патентна организација, Заедничкиот истражувачки центар на Европската комисија како и професори од нашите универзитети.

Ваша основна задача е регулирање на заштита на индустриската сопственост во Република Македонија. Колку во Македонија се заштитува индустриската сопственост?

Заштитата на индустриска сосптвеност во Република Македонија се регулира од осамостојувањето. Првиот национален закон стапи на сила на 15 јули 1993 година. Во јуни 2002 година е донесен Закон за ИС, кој беше во примена од 1 јануари 2004 година. Со измените на Законот во март 2004 година е променет статусот и називот на институцијата во Државниот завод за индустриска сопственост. Законот за индустриска сопственост кој сега е во сила е донесен 2009 година и е изменет и дополнет во 2011 година.

Што е она што го прави Државниот завод за индустриска сосптвеност. Вршиме прием на пријави за признавање на правата од индустриска сопственост; спроведуваме управна постапка за стекнување на правата од индустриска сопственост на територијата на Република Македонија, спроведуваме меѓународна постапка за признавање на правата од индустриска сопственост согласно меѓународните договори кон кои пристапила Република Македонија, водиме регистри на пријави и стекнати права, објавуваме во службено гласило податоци за пријавени и признаени права од индуистриска сопственост....

Под наша надлежност е индустриската сопственост која ги опфаќа патентите, трговските марки, индустрискиот дизајн и географските одредници.

Важно е да напоменам интелектуалната сопственост се дели на две категории индустриска и авторски права и сродни права. Овие авторски права и сродни права се под надлежност на Министерството за култура кои опфаќаат литературни дела, како што се романи, песни и драми, филмови, уметнички дела, како слики, цртежи, фотографии и скулптури, емитувања и телевизиски програми.

Што е индустриска сопственост и кои се правата од индустриската сопственост?

Поимот индустриска сопственост е дефиниран во време на Париската конвенција за заштита од интелектуална сопственост. Уште тогаш е одвоен поимот индустриска сопственост од поимот авторски права како одделна категорија. ИС е ексклузивно право доделено од државата, да не речам еден вид монопол. Носителите на патенти и трговски марки имаат исклучително право да го користат во производство заштитениот пронајдок, форма, слика или цртеж. Исто така има исклучително право да пушта во продажба предмети изработени според заштитениот пронајдок, право да располага со патентот или индустрискиот дизајн и без нејзино одобрување никој не смее да го продава или произведува таков артикал.

Овие права се стекнуваат по признавање и со упис на соодветниот регистар за признаени права и се во важност од денот на поднесувањето на пријавата во ДЗИС.

Колку трговски марки и патенти има регистрирано во Државниот завод за индустриска сопственост?

Во Државниот завод за индустриска сопственост има вкупно 8.500 пријави за патенти од кои 10 отсто се домашни, останатите се странски.

Во делот на трговски марки се регистрирани вкупно 123.000 од кои 96.341 се преку мадридскиот систем, кои доаѓаат директно, а 26.486 странски и наши барања поднесени во Државниот завод за индустриска сопственост. Додека само македонски пријави за трговски марки се 14.644.

Интересно е што во делот на патенти околу домашните ако ги спордиме со изминатите години се забележува двојно зголемување. Така во 2014 сме имале 29, а во 2017 имаме 52 домашни пријави за патенти. Вкупно во 2017 има 1003 пријави, за разлика од 2014 година кога имаме 573. Очекуваме сличен број и оваа година. Досега имаме 740 пријави.

Во Репблика Македонија свеста за заштита е поголема кај големите компании. Сега преку карванот целна група се малите и средни претпријатија и има интерес. Најчесто прашуваат како можат да регистрират кои се надлежни институции.

Добро е секоја фирма кога при самата отворање се заштити кај нас нејзиното име и лого. Вообичаено луѓето не се свесни за проблемите додека не се појават. Тогаш стануваат свесни какво е значењето и придобивките од индустриската сопственост.

Колкава е свесноста на нашите компании, за значењето на индустриската сопственост?

Искрено не можеме да бидеме целосно задоволни од свесноста на македонските компании за значењето на интелектуалната сопственост, тоа го покажуваат и бројките со кои располагаме во однос на поднесени пријави, но постојат и такви, кои се многу упатени во областа, особено кога станува збор за трговските марки и за индустрискиот дизајн. Такви се можеби 10 проценти од фирмите.

Иновативноста и креативноста имаат позитивно влијание во секојдневниот живот, а заштитата на интелектуалната сопственост е основен елемент за успешно функционирање на европскиот пазар. Од друга страна, фалсификувањето е форма на уништување на интелектуалната сопственост, затоа заштитата на правата од индустриска сопственост игра голема улога во индустријата.

За жал, кај македонските компании употребата на интелектуалната сопственост во целина е ограничена. Меѓутоа, сите треба да бидеме свесни дека креирањето и управувањето со интелектуалната сопственост е од клучно значење за одржување на растот, конкурентноста и проширување на пазарите на македонските компании.

Со членството на Македонија во ЕУ и НАТО ќе се зголеми заштитата на индустриска сопственост, а македонските компании во согласност со својата стратегија за развој ќе добијат можност да ја подобрат својата позиција на национално и меѓународно ниво што ќе овозможи успешно функционирање на македонската индустрија на европскот пазар.

Колку би ја чинело една компанија заштитата на индустриската сопственост?

Слободно можеме да посочиме дека самата заштита за правата од индустриска сопственост воопшто не е скапа. Зборуваме за во Република Македонија. Поточно за да имате патент, односно да заштитите некој пронајдок за 10-годишна важност требаат околу 15.000 денари. Ова е цената за домашна заштита, односно заштита само во Р. Македонија.

Доколку пронајдокот се заштитува во некои други земји заштитата е доста поскапа. На пример за да имате европски патент за 10 години важност и најмалку заштитен во 10 земји членки на ЕПО потребни се најмалку 50.000 евра.

Заштитата на трговска марка чини околу 6.000 денари за 10 -одишна важност на трговската марка. Исто така, заштитата на индустриски дизајн чини околу 3.100 денари, односно заштита за еден дизајн за петгодишна заштита.

Постапката за заштитата на индустриската сопственост трае околу пет месеци, кај патентот таа процедура е околу 12 месеци

Дали и колку има повреда на заштитата на индсутриски сопственост и колку се пријавува до Државниот завод?

Годишно добиваме меѓу 130 и 140 пријави кои најчесто се во делот трговските марки за сличност, односно копирање на постоечка трговска марка.

Во заводот нема да може да се заштити некоја трговска марка ако е идентична со порано пријавена или регистрирана.

Ако трговската марка се состои од зборови или букви или комбинација на зборови и букви заштитата ги опфаќа тие зборови, букви и комбинации, нивните транскрипции или транслитерации, напишани со кој било вид букви, во која било боја или изразени на кој било друг начин.

Проблемите се појавуваат подоцна. На пример работи фирма долги години, не е заштитена, а во меѓувреме се појави некој друг го заштитил неговиот бренд.

Што е индустриска сопственост и кои се правата од индустриската сопственост?

Поимот индустриска сопственост е дефиниран во време на Париската конвенција за заштита од интелектуална сопственост. Уште тогаш е одвоен поимот индустриска сопственост од поимот авторски права како одделна категорија. ИС е ексклузивно право доделено од државата, да не речам еден вид монопол. Носителите на патенти и трговски марки имаат исклучително право да го користат во производство заштитениот пронајдок, форма, слика или цртеж. Исто така има исклучително право да пушта во продажба предмети изработени според заштитениот пронајдок, право да располага со патентот или индустрискиот дизајн и без нејзино одобрување никој не смее да го продава или произведува таков артикал.

Овие права се стекнуваат по признавање и со упис на соодветниот регистар за признаени права и се во важност од денот на поднесувањето на пријавата во ДЗИС.

Каква соработка има Заводот со меѓународната организации?

Нашата земја е членка на Светската организација за интелектуална сопственост WIPO од 23 јули 1993 каде членуваат 188 земји членки, исто така сме и членки на Европската патентна организација ЕПО од 1 јануари 2009 година каде членуваат 38 земји членки.

Исто така, имаме склучено Меморандум за соработка со Заводот за интелектуална сопственост на европската унија – ЕУИПО.

Сузи Котева Стоименова