Екипи на Град Скопје денеска ја почнаа реконструкцијата на улицата „Антон Попов“, поранешна „Огњан Прица“, во општина Кисела Вода.
Реконструкцијата се одвива од крстосницата со улицата „Павел Шатев“ (поранешна „Бихаќка“) до „Шампионче“ или во должина од 590 метри. Градежните работи ќе се одвиват во наредниот месец.
Скопскиот градоначалник Петре Шилегов соопшти дека освен целосна реконструкција на асфалтот, што се должи на честото крпење на асфалтот и несоодветни прекопувања на улицата, има целосна денивелација на шахтите кои се 37 на овој потег.
Тој потсети дека во изминатиот период дека заврши реконструкцијата на улицата „Ацо Шопов“, а во тек е реконструкцијата на „Партизанска“, „Лондонска“, „Брадфордска“ во Карпош. Апелираше граѓаните да имаат разбирање и да се придржуваат на утврдениот сообраќаен режим.
Градоначалникот на Кисела Вода Филип Темелковски изјави дека оваа улица е една од најоштетените во општината и затоа во договор со Градот одлучиле таа да биде меѓу првите што ќе се реконструира. Најави дека оваа недела почнуваат со санација на улицата кај Теферич, која ќе биде затворена од четврток па натаму.
Одговарајќи на новинарско прашање за билбордите, Шилегов рече дека таа состојба ја наследиле и оти се работи за концесиски договор во времетраење од повеќе 15 години, а еден е веќе предмет на кривична анализа.
- Станува збор за околу 1.000 локации кои се доделени на долг период на концесионерите и се локации кои се определени во таа постапка пред околу четири-пет години. За мој вкус имаме премногу билборди во нашиот град и премногу издадени концесии од претходната администрација, вклучително и концесијата во Јавното сообраќајно претпријатие дадена пет дена пред заминувањето на претходната администрација на десет години, рече Шилегов. Додаде дека разговараат со концесионерите за намалување на бројот на билборди зашто ја загрозуваат безбедноста на граѓаните.