Со поставување нова фекална и атмосферска канализација во должина од 100 метри, јавното претпријатие „Камена Река“ работи на подготовка на изградба на пристапна патека на крак од улицата „Илинденска“ во општина Македонска Каменица.

Активноста, како што информираше градоначалничката на Македонска Каменица, Соња Стаменкова се реализира по претходно барање на жителите од улицата, а согласно приоритетите на општината за тековната 2018 година.

- Реализацијата на оваа градежна активност е предвидена пред поставувањето на бехатонска пристапна патека до домовите на жителите од крак на улицата „Илинденска“. Покрај новопоставената одводна мрежа до секој од домовите, дополнително ќе бидат монтирани и одводни сливни решетки, со што трајно ќе биде решен проблемот со атмосферските води во овој дел од градот, информира Стаменкова.

Активностите, додаде, ќе продолжат со доведување во ред на оние улици каде веќе е поставена атмосферска канализација со тоа што оштетените улици ќе бидат реконструирани и ќе се придонесе за побезбедна сообраќајна комуникација во градот.